| четврток, 6 декември 2018 |

Во случај на банкрот на туристичката агенција во која сте уплатиле – снаоѓајте се сами

couple-enjoy-beach-thumb-597xauto-2417

Македонските туристи додека се на одмор во странство, секогаш треба при рака да имаат екстра-пари во случај да банкротира туристичката агенција преку која уплатиле аранжман. Во ваква ситуација тие самите ќе мора да се снаоѓаат за да си го платат превозот за назад, како и да ги намират трошоците во хотелот доколку агенцијата навреме не го сторила тоа. На крајот никој не им гарантира дека ќе бидат обесштетени за дополнителните трошоци на кои биле изложени.

Осигурување од 100.000 евра

Од Министерството за економија објаснуваат дека секоја туристичка агенција за да добие А-лиценца, мора да склучи годишен договор со осигурителна компанија за осигурување од одговорност од вршење на дејноста во износ од 100.000 евра. Тоа осигурување, објаснуваат надлежните, треба да го покрие обесштетувањето за патниците во вакви и слични ситуации. Сепак, осигурителни агенти објаснуваат дека овој вид осигурување не секогаш е гаранција дека патниците ќе можат да бидат обесштетени при евентуален банкрот на туристичката агенција.

– Многу е важно каков е склучениот договор со агенцијата и што точно опфаќа тоа осигурување. Може да покрива обесштетување на патниците до висина од 100.000 евра, но во договорот треба да е наведено во кои ситуации осигурителната куќа е должна да го уплати. Тие пари може да се исплатат и за еден патник или да се поделат на повеќе, во зависност дали осигурувањето е направено на поединечна сума или таканаречено агрегатно, односно за повеќе лица. Над таа сума останува самата агенција да си ги обесштети паниците или тие преку тужба да си ги бараат парите од неа – објаснуваат осигурителни агенти.

Туристичките агенции сметаат дека парите што задолжително ги уплаќаат како осигурување не ги штитат ниту нив ниту нивните клиенти.

– Сите го склучуваме тој договор за осигурување, но при проблематични ситуации сме оставени сами на себе да исплаќаме отштета. На пример, кога пред неколку години имаше голем пожар на Халкидики и на уште неколку околни места, дел од нашите агенции испратија свои автобуси да ги вратат назад туристите. Но, осигурителните компании не ни одобрија ниту едно евро обесштетување. Kога станува збор за банкрот на агенција и заглавени туристи во странство, патниците најчесто бараат помош од сопствените влади бидејќи во речиси сите земји ваквите ситуации не се доволно регулирани – вели Миле Спировски, претседател на Асоцијацијата на туристички агенции (АТАМ).

Повеќе на Дневник.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top