| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија вечерва против Белгија на стартот од квалификациите за ЕП

kosarkarska reprezentacija press 2014 II (Custom)

Македонската кошаркарска селекција денеска против Белгија (20.30 часот, СЦ” Борис Трајковски”) ги почнува квалификациите за пласман на Европското првенство следната година. Иако Белгија е фаворитот во групата, селекторот Џикиќ не се предава:

-Во случај на победа и во случај на пораз, повторно сонцето ќе изгрее, автобусите ќе возат, а овие момци ќе продолжат да играат кошарка. Периодот за подготовки беше краток и со намален број играчи. За почит е што овие момци што се присутни на средбата одлулучија да играат за Македонија и тоа е за почит. Со подобри момци не сум работел. Сум работел со подобри кошаркари, но овие ја заслужуваат мојата почит. Од нив барам да се борат со Белгија како што се бореа на сите седум подготвителни натпревари. Белгијците се цврста репрезентација и долго време играат заедно. Играат енергична и цврста кошарка и ќе барам од момците да се борат барем колку што ќе се бори Белгија во Скопје. Имаат високи играчи под кошевите и фантастично подготвени бекови.

Подмладениот состав на селекторот, прикажа достојна игра во подготвителниот период.

Македонскиот репрезентативец Бојан Трајковски вели дека во недостигот од носители на играта во репрезентацијата на Македонија ќе биде надополнет со борбена игра од сите 12 играчи што ќе бидат на паркетот.

-Нема да се очекува пет-шест играчи да ја носат играта како што беше до сега. Знаеме што значат тие за националната репрезентација, но желбата кај сите репрезентативци сега е поголема – изјави Бојан Трајковски.

Најискусниот кошаркарски репрезентативец Дарко Соколов, кој со своите 28 години воедно е и најстар во македонската кошаркарска репрезентација, нагласи дека натпреварот со Белгија на домашен терен е најважниот натпревар во овој циклус на квалификации за европското првенство во 2015 година.

Натпреварот со Белгија в недела е клучниот натпревар во овој циклус квалификации. Ако успееме да победиме многу ќе ни биде олеснет патот до пласманот на Европското првенство во 2015 година, бидејќи другите две репрезентации Данска и Белорусија мислам дека се релативно послаби од нас. Подготвени сме за тој натпревар и сигурно ќе го дадеме нашиот максимум и се надевам дека ќе ги совладаме белгијците за два дена – изјави Соколов.

Во квалификациската група Д, покрај Македонија и Белгија се и репрезентациите на Белорусија и на Данска.  По вечерашниот дуел, на 13 август и гостуваме на Данска, на 17-ти во Белорусија и на 20 август кај Белгија. Домашните дуели ги играме на 24-ти и 27-ми август со Данска и Белорусија.

Од вкупно 26 репрезентации кои ќе играат во седумте квалификациски групи пласман на Европското првенство ќе обезбедат првопласираните од сите групи и шестте најдобро второпласирани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top