
Во случајот на т.н. преговори во ООН со Грција, очигледно, треба да се направи инверзија на старата поговорка, која сега треба да гласи – колку музика, толку пари. Единствено така можат да се оправдаат симболичните 874 денари кои Нимиц, барем официјално, ги доби за овие цели 19 години на функцијата. Реално, истата ситуација трае со децении или од самиот старт на наметнатиот проблем, кој резултираше со Привремената спогодба од 1995 година. За да биде приказната потполна, статус квото продолжи и по нејзиното флагрантно прекршување од Грција во Букурешт во 2008 година, и никому ништо…
Што се крие зад зборовите на „ендемскиот“ преговарач?
Нимиц дојде, виде и си замина… Единствено што стори е да се запознае со новиот преговарач Васко Наумовски. Или, сепак, не? За разлика од многу претходни посети и рунди преговори, овојпат дури и кажа нешто, колку и да е чудно тоа. „Татковски“ ни пренесе, за да не смири, нели, дека не се преговарало за идентитетот затоа што во ООН никој, никаде и никогаш не преговарал за такво нешто?! Небаре, пак, некој некогаш во ООН преговарал за името на државата.
Другиот исказ, кој даде дополнителна „тежина“ на неговата изјава пред македонската јавност, имаше поинаква намера. Откако нѐ „смири“ со идентитетот, посредникот ни укажа, онака меѓу редови, дека прашањето имало безбедносна заднина?! Сакаше ли Нимиц да нѐ заплаши со таа порака, која, небаре случајно, ја користи вторпат по ред. Вака, повторно, името веќе не е билатерален, туку безбедносен проблем. Иако, како и секогаш, не ја објасни суштината на кажаното, овие две пораки останаа да лебдат во воздухот како единствено вредно за толкување од кажаното на посредникот. Сето друго сме го слушнале веќе стотици пати. И онака, Метју Нимиц стана ендемски, македонски вид преговарач, придружувајќи им се на охридската пастрмка и на моликата, тие по единственоста на своето постоење во нашата земја, а тој како единствениот кај нас и во светски рамки преговарач, кој 19 години тапка в место и никому не поднесува извештај за работата, ниту за несработеното ниту за потрошеното. Евтиноста на приказната ја потврдува и неговата плата од еден долар. Ова сериозно ја отвора потребата од спознавање на фактот – од каде Нимиц ја има оваа слобода, кој му ја овозможува и кому му одговара неговата т.н. работа или медијација.
Народот го создава својот идентитет преку своите дејства, преку својата култура. Оваа земја има свој идентитет, како што имаат и другите земји, рече тој и наиде на вистинска овација и акламација кај албанските и кај опозициските медиуми, кои, иако со сосема различна намера, кажаното го дочекаа со невиден ќеф и веднаш го ставија на своите насловни страници и отвораа вести со еуреката на Нимиц. Тоа што заборавија да го сторат во својата интенција, која веќе е во форма на условен рефлекс, а тоа е оцрнувањето на актуелната владејачка гарнитура и потенцирањето на фактот како таа попречува сѐ и не разбира ништо, е да размислат, барем малку, околу смислата на Нимицовата реченица. Пораката на посредникот – или поверојатно, чија и да е, е многу едноставна. Да – народот го создава својот идентитет, оваа земја си го има, па зошто тогаш мора да постои и дефинирана категорија за нацијата, идентитетот на етникумот и придавка што ќе го определи јазикот во некоја си ООН? Тоа што постојано ни го повторуваат е дека идентитетот никој, никогаш не може да ни го одземе, а поентата на тоа постојано „наклапување“ на глава на истата констатација е да „разбереме“ дека, реално, нема ни потреба сето тоа да го има некаде напишано?! Ние си го знаеме, нели, па што има и потреба некој таму кога ќе отвори во документите на ООН да гледа каков јазик зборуваме ние и на која нација ѝ припаѓаме, кога ние си знаеме. Или народски кажано – не барајте леб преку погача…
Во истиот контекст, Нимиц не сакаше да ја коментира ниту неодамнешната националистичка изјава на грчкиот премиер Андонис Самарас, кој среде Стразбур, европската престолнина на човековите права и слободи, без срам и перде кажа дека не постои македонски јазик. Посредникот го избегна директниот одговор истакнувајќи: „Јас сум во Скопје, а луѓето тука си имаат свој јазик.“. Но, заборави да каже една многу битна работа – кој е тој јазик? Да, ние знаеме дека си имаме сопствен јазик, македонски, но за Нимиц тоа е вашиот јазик, вашата нација, вашиот идентитет или ќе да е „скопски“. Барем еднаш наместо вашиот и својот да го споменеше зборот македонски, можеби и ќе му поверуваа. Вака, тие што се спротивставуваат и бараат такво нешто се недоветните или, со речникот на Нимиц, „постојано има изјави кои го одвлекуваат вниманието од главниот проблем, а тоа е наоѓање решение“. И продолжи да ја навредува интелигенцијата на народот кој не го ни споменува, но кој, кажано со речникот на ООН или поверојатно САД, си знае кој е, што е и зошто е…

Метју Нимиц воскресна со Македонија во 1994 година
Враќајќи се назад во историјата, ќе дознаете дека првата висока функција ја добива во далечната 1977 година кога претседателот на САД, Џими Картер, го именува за советник во Стејт департментот. Го советувал токму првиот преговарач за името – државниот секретар Сајрус Венс, тогаш државен секретар на САД. Нимиц никогаш не бил дипломат од кариера, туку правник, што не го спречило во 1979 година да биде поставен за потсекретар. Главна надлежност му била помошта на безбедносен план која САД ја давале на другите земји. Можеби оттука доаѓа и неговиот „интерес“ и познавањето на безбедносните прашања, какво што, според него, во поново, а можеби и во постаро време било и е прашањето за името на Република Македонија.
Своето официјално враќање на дипломатската сцена, по цели 13 години пауза (во 1981 година, по неуспешната битка на Џими Картер за нов мандат, ѝ се враќа на адвокатурата), Нимиц го прави токму во спорот за името кога во 1994 година Бил Клинтон го назначува за личен специјален пратеник во спорот меѓу Македонија и Грција. По три години работа за САД, Нимиц во 1997 година станува заменик на Сајрус Венс за во 1999 година да го замени својот гуру и ментор. И така до ден-денешен…
Целата негова кариера и нејзината поврзаност со официјален Вашингтон ја разголува вистината за силната американска вмешаност во „македонското прашање“, која еруптираше во 2004 година со признавањето на уставното име на нашата држава, промислен чин кој резултираше со денешната територијална организација на Македонија, која многумина ја нарекоа поделба. Во овој случај настана и една кохезија на поимот за Данајците и Американците, која резултираше со промена на Хомеровата прикаска во „Не верувај им на Американците и кога дарови носат“.
Никовски: Нимиц работи за САД, за тоа нема дилема!
Факт е дека Нимиц има мандат од ООН, но не треба да има никакви дилеми дека од самиот почеток тој работи за САД, вели поранешниот амбасадор и секретар на МНР, Ристо Никовски. Го прашавме дали платата од еден долар годишно, сепак, не е премала сума за толку летање и работа на посредникот, кој пред речиси еден и пол месец наполни 75 години.
Никовски: Тие го плаќаат и него и тимот што му ги изработува предлозите. Дали се тоа експерти од Стејт департментот или некои надворешни консултанти или организации, воопшто не е важно. Во ООН нема буџет за медијацијата на Нимиц, што е крајно невообичаено. Така е со цел да се обезбеди целосен ексклузивитет врз случајот од страна на САД. Доколку имаше буџет во ООН за медијацијата, ќе мораше секоја година да се поднесува извештај за постигнатото и да се бараат и да се планираат нови средства. Тоа би била поинаква ситуација, очигледно неприфатлива за Вашингтон. Вака, можат што сакаат да прават и никому да не одговараат. Еден службеник на ООН, кој е некаков офицер за врска со Нимиц, го прати на патувањата, и тоа е сѐ од страна на ООН. Сѐ друго е надвор од светската организација. Тоа нам најмалку ни одговара, ама, како што изгледа, никој од нас не се заинтересирал за сето тоа и не се обидел случајот да го врати таму каде што припаѓа. Во ООН.
По кој знае кој пат, Нимиц и при оваа посета изјави дека сега било вистинското време за наоѓање решение, што е толку соодветно во овој момент и зошто тој го истакна безбедносниот аспект?! Зошто името би било важно од безбедносен аспект, прејудицира ли Нимиц нешто или, пак, така индиректно не заплашува и „убедува“ да прифатиме компромис?
Никовски: Дека е „дојден моментот“ постојано ни повторуваат и САД, а особено нагласено тоа го правеше Рикер. Во прашање е креирање лажен оптимизам и притисок врз Македонија. Нимиц така си го оправдува и ангажманот, иако е свесен дека решение нема на повидок. Минатата година тоа јасно и го кажа.
Безбедносниот аспект, пак, се актуализира, пред сѐ, поради кризата во Украина, вели Никовски, спред кого стабилноста на Европа е сериозно доведена во прашање и на сите им е јасно дека од дефанзивата во која е натерана, порано или подоцна, Русија ќе тргне во офанзива.
Никовски: Таа неизбежно ќе се обиде да игра позначајна улога во сите невралгични точки на континентот, а тоа значи, пред сѐ, на Балканот. По анексијата на Крим и широкооркестрираната осуда на Москва за тамошните настани, кои во најголем дел ги предизвикаа САД, потпомогнати од ЕУ, работите ќе тргнат во нови насоки. Тоа ги загрижува Вашингтон и Брисел. Намерите за евентуално забрзано зачленување на Македонија во НАТО, во септември, паднаа во вода и затоа безбедноста на Јужниот Балкан, обременета и со проблемот со нашето име, станува нагласена. Инаку, според бројни показатели, САД не се подготвени да ја примат Македонија во алијансата со референцата, бидејќи се свесни дека тоа ќе значи крај на обидите да се прекрстат и државата и народот. Тоа, како што изгледа, не можат да го проголтаат. Таквиот крај на проблемот, а со тоа и опстанокот на Македонците, се чини, не се вклопува во нивните долгорочни планови.
Нимиц вели дека идентитетот не бил во прашање, само една недела откако Самарас, среде Стразбур, се подигруваше со нашиот идентитет и јазик, прикаска која ја продлабочи и неговата портпаролка Софија Вултепси?
Никовски: Нимиц е искусен дипломат и не може да му се случи јавно да го вклучи идентитетот како дел од проблемот. Тоа би била непростлива цивилизациска грешка. Во повеќе пригоди во минатото, меѓутоа, со неговите предлози, тој многу пати ни ги оспори идентитетот и јазикот. Тоа што ние не го забележувавме тоа или се правевме недоветни, е друго прашање.
Оваа негова посета, без никакво сомневање, е во функција на интересот за проблемот кој неодамна јавно го изрази Меркел, потенцира Никовски. Според него, овојпат, Нимиц е „нејзин“ посредник.
Никовски: Пред некое време тој беше во Берлин на нејзина покана, што е сосема невообичаено бидејќи мандатот е од ООН. Со таа посета можеме да кажеме дека ангажманот на Меркел – се официјализира. Таа е логистиката на Нимиц и оттаму потекнува неговиот нагласен оптимизам. Никој досега не застана зад него како што овој пат тоа го направи Меркел, која не е кој било. Тој факт нас може само да нѐ загрижи бидејќи Меркел, во никој случај, не се вклучува за да ѝ помогне на Македонија, туку од сосема други интереси. Ние можеме да бидеме само – жртвувани!
Во дипломатијата искреноста не е доблест. Се вели дека дипломатите се чесни луѓе кои лажат во корист на сопствената земја. Така и Нимиц вели дека за идентитетот не се разговара и дека не донел нов предлог. За верување е дека, сепак, тој ставил нешто на маса. Веројатно, тоа се неколкуте предлози што ги најави канцеларката дека се држат во тајност. Нимиц може да биде делумно и во право бидејќи тој, секако, не донесе нешто ново, туку тоа може да биде само избор (или модификација) од неговите претходни замисли.
И Нимиц, како и сите други, добро знае што признаваат и што не прифаќаат Самарас и Грција кога се Македонија и Македонците во прашање. Нему, особено, му е јасно која е целта на Вашингтон и затоа мора да го игра орото во кое е фатен, по музиката која се свири. Лично тој не мора да се согласува со тоа. Да потсетиме дека пред да се вклучи во случајот, тој има изјавено дека ние сме Македонија и тоа ќе си останеме и дека никој не ни може ништо.
За да бидеме прецизни до крај, да заклучиме дека е скоро невозможно ангажманот на Меркел да прерасне во иницијатива бидејќи Грција нема ништо да прифати. Додека трае кризата кај нив, а тоа значи уште најмалку пет години, не може да помине ни нивниот услов „име за севкупна употреба“, а камоли некаков компромис.
Грците се крстат во Меркел?
Грците, или довчерашните „плукачи“ по инволвирањето на германската канцеларка Ангела Меркел во спорот за името, за кој наводно и многу размислувала, наеднаш се сетија на својата грешка. Не бадијала во Европа сѐ уште е на „цена“ вицот според кој секој Германец има – жена, дете, куќа, автомобил, кредит, домашен миленик и по еден Грк. Иако Германија беше најгласната во осудата на Грција, која од економската криза се извлече и сѐ уште се извлекува, главно, со парите на официјален Берлин, сѐ остана само на критика. Умните и прагматични Германци одамна сфатија дека тонењето на најзадолжената и најнеспособна членка им носи само пад на еврото и на сопствениот стандард, а помошта, колку да е болна и неетичка, ги враќа на вистинската добра позиција. Така и Грците, набргу по првичните критики, исто така, сфатија дека Германија по економскиот може да им понуди и национален препород, особено кога е во прашање Македонија. Така, во свој препознатлив стил, „Катимерини“, кој според сите познавачи е диригиран од желбите на атинското МНР, веднаш напиша дека, со оглед на негативниот имиџ што е создаден во Грција за Германија, правилно управување со прашањето и значителниот притисок врз Македонија, која се стреми кон влез во ЕУ, ќе придонесат малку да се одобри имиџот на Берлин во грчкото општество.
Љубителите на теориите на заговор ќе речат дека некому силно му годи ситуацијата со Македонија или нерешавањето на фингираниот и уникатен проблем со јужниот сосед. Песимистите ќе речат дека никому не му е грижа за два милиона народ, а опортунистите дека и онака НАТО и ЕУ не ни требаат. Реалистите, пак, ќе се замислат и ќе речат дека, како и да е, дури и вистината да е компилација на сето претходно кажано, проблемот со Грција ги мина сите граници и речиси две и пол децении ѝ пречи на Македонија да оди напред со полна брзина. Вака, наместо во петта, се движиме во трета или втора за да одвреме-навреме „префрлиме“ и во прва, па оп – во лер… Замислете, само да го немавме проблемот со јужниот сосед, или САД или ЕУ да сакаа да го решат. Не зборуваме за една, две или три, туку за 23 години константен притисок и редица блокади и ембарга кои силно влијаеја и врз имиџот на земјата, политички и економски. За да бидат прикаската и „возењето“ позамрсени и побавни, имаме и еден единствен, ендемски вид специјален пратеник од ООН, кој пред да ја преземе функцијата, има изјавено дека ние сме Македонија и дека никој не ни може ништо, за да доживее комплетна трансформација за еден долар?! Премногу случајности…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 100. број на неделникот „Република“, 1.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Никовски: