| четврток, 6 декември 2018 |

За седум месеци во Македонија од ХИВ/СИДА заболеле 26 лица, најмногу досега од појавата на болеста

Најголем број од инфицирани односно заболени се во Скопје, а потоа Тетово, Куманово, Прилеп, Охрид, Кичево. На овие шест градови отпаѓаат 90 отсто од регистрираните случаи

hiv-aids-630

За седум месеци во Македонија се регистрирани нови 26 случаи на ХИВ/СИДА, а моментно  223 лица живеат со ХИВ/СИДА. Од нив 154 се болни од СИДА, а другите се ХИВ-позитивни. Според полот, од 1987 до 2014 година најмногу се мажи, 79 отсто, а 21 отсто се жени,  додека во светот тој сооднос е 50-50.

Најголем број од инфицирани, односно заболени се во Скопје, а потоа Тетово, Куманово, Прилеп, Охрид, Кичево. На овие шест града отпаѓаат 90 отсто од регистрираните случаи.

– Заклучно со денешниот ден, регистрирани се 223 случаи на ХИВ/СИДА. За седум полни месеци се регистрирани највисок број на ХИВ/СИДА во Македонија. Во Скопје има 16 случаи, а потоа следат Куманово, Свети Николе и Кочани по двајца, а Тетово, Струмица и Штип по еден или вкупно 26 случаи. Интересно е што првпат доминира возрасната група од 20 до 29 години, втора е возрасната група од 30 до 39 години – изјави Жарко Караџовски, специјалист-епидемиолог.

Според специјалистот Караџовски, во Македонија ова заболување е хронично со долг временски период. Со примањето на антиретровирусна терапија, животот на овие лица може да се направи долг и да има перспектива. Годинава две лица починале од СИДА. Просекот на возрасна група на лица заболени и инфицирани е 30 години, најстариот е 64 години,  а најмалиот на еднагодишна возраст.

Регистрирани се и осум странци.

Првиот ХИВ позитивен случај во Македонија е регистриран во 1987 година, а првиот заболен од СИДА е во 1989 година. Светот со оваа појава се соочи во 1983 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top