| четврток, 6 декември 2018 |

Маж починал во Охрид – полицијата бара помош за идентификација

Вчера во СВР Охрид било пријавено паднато машко лице во близина на градскиот пазар, кое подоцна починало. Полицијата презема мерки за утврдување на неговиот идентитет. Врз неговото тело нема траги на насилство, што е констатирано по извршен патолошки преглед,  а по наредба на дежурен Јавен обвинител.

Се работи за машко лице на возраст од седумдесет до осумдесет години, висок околу 170 сантиметри, средно развиено, со бела ретка кратка коса и со кратка брада. На себе имало сиво палто и панталони, карирана сина кошула, сив џемпер и сива капа – информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски за „Охридњуз“.

Сега починатиот, вчера во 19 часот и 35 минути  со возило на брза помош, од градскиот пазар, бил донесен на интерното одделение во Општата болница, каде што и покрај преземените обиди за реанимација, починал.

До овој момент, во СВР Охрид не е пријавено исчезнато лице поради што се молат граѓаните секоја корисна информација да ја достават до СВР Охрид или на телефонот 192.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top