| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска бесплатен железнички превоз за студентите, викендов за пензионерите

воз

Сите студенти во Македонија денеска може бесплатно да патуваат со воз, во согласност со одлуката на Владата за бесплатен железнички превоз во четврток. Со последната одлука, овозможен е и попуст од 50 проценти на железничките билети за сите студенти и за сите ученици.

За да им биде одобрен бесплатниот превоз, студентите треба да покажат студентски индекс или легитимација. Билетот што ќе добијат може да го користат секој нареден четврток.

Владата на Република Македонија минатиот месец донесе одлуки со кои се овозможи бесплатен железнички превоз во одредени периоди од месецот кои важат за одделни категории граѓани. Со овие одлуки бесплатен железнички превоз има за сите повозрасни лица, односно за жени над 62 години и за мажи над 64 години, во текот на секој втор викенд во месецот, а за сите млади лица до 27 години во текот на третиот викенд во месецот.

Претстојниот викенд, сите возрасни лица може бесплатно да се возат со воз во земјава, а денеска сите студенти. Ова е овозможено согласно владините одлуки донесени минатиот месец, а кои досега ги искористиле 1.000 возрасни лица, 3.500 млади лица до 27 години, 600 студенти и 1.000 лица кои купиле билет со попуст.

За да го користат бесплатниот превоз возрасните лица треба на благајните на железничките станици да приложат лична карта и врз основа на тоа ќе им биде издадена карта, во која е вклучено и осигурувањето. На оние железнички станици на кои не постојат благајни и на  кои не може да се извади билет, патниците тоа може да го сторат по качувањето во возот кај кондуктерот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top