| четврток, 6 декември 2018 |

Во невремето во Тополчани поплавени куќи и уништен тутун и градинарски култури

Невреме со силен дожд проследено со град синоќа по 19 часот го зафати атарот на селото Тополчани, Прилепско. Според жителите, поројниот дожд поплавил дел од куќите, а градот уништил род со тутун и градинарски култури, јави МИА.

grad orev1

Како што објаснува Киро Мицески, жител на селото, синоќа семејството се борело со водената стихија.

– Беше страшно. По 19 часот почна силно да врне, а потоа и град. Наредните два часа водата се слеваше во гаражите, долните простории од нашата куќа. Цела ноќ стражаревме и чистевме – вели Мицески.

Според претседателот на месната заедница на Тополчани, Ацо Мицески градот уништил род на тутун и градинарски култури на педесетина хектари.

– Според првичните сознанија и, како што јавуваат земјоделците, е зафатен атарот на селото Тополчани. Станува збор за околу педесетина хектари со тутун и со градинарски култури. Ќе пријавиме во локалната самоуправа во Прилеп комисија да излезе на терен – вели Мицески.

Тутунопроизводителот Миле Крстески има девет декари тутун и речиси целосно е уништен родот.

– Целосно се уништени листовите. Не знам што ќе правиме. Четиричлено семејство сме и од тутун живееме. Родот не ни е осигуран – вели Крстески.

Ова нестабилно време ги тера земјоделците да го осигураат родот.

– Ќе треба да се осигура родот. Инаку од кого ќе бараме надомест на штети по вакво невреме. Ни требаат повеќе информации како да се осигураме – вели земјоделецот Славко Пројчески од Тополчани.

 

Државата субвенционира 60 отсто во премијата за осигурувањето на земјоделските култури.

 

Невремето, инаку, погоди и неколку други села и нивните атари во Пелагонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top