| четврток, 6 декември 2018 |

Гарет: Потребни се реформи во ЕУ, но проширувањето треба да продолжи

garet 640

Новоименуваниот британски амбасадор во Македонија Чарлс Гарет оценува дека на Европската Унија и се потребни реформи, но не е и запирање на политиката на проширување.

Во интервју за Фактор, амбасадорот Гарет зборува и за неговите оценки за политичката и економската ситуација во Македонија, како и за идејата за создавање на финансиска зона.

– Не би рекол дека проширувањето е замрзнато. Сепак, реална проценка е дека ниту една од земјите сегашни кандидати би била во позиција да и се приклучи на Европската Унија во рок од следните пет години. Исто така не би рекол дека луѓето се изморени од идејата за обединета Европа. Се уште има цврста поддршка за проширувањето во ЕУ и мислење низ ЕУ дека иднината на земјите од Западен Балкан е во ЕУ. Точно е дека земјите-членки на ЕУ, како и многу земји низ светот поминаа тежок период на длабока рецесија и други предизвици. Тоа пак ја истакна потребата за реформа во ЕУ. Но, додека од една страна реформата ќе се однесува на потребите на ЕУ во голем дел од нејзиното функционирање, според мене не треба да се однесува и на радикална промена во политиката на проширување, смета амбасадорот Гарет.

Прашан за отсуството на опозициската партија СДСМ од Собранието, амбасадорот Гарет вели дека нејзиниот недостиг го оневозможува вистинското функционирање на институциите.

– На демократиите им е потребен дијалог за да ги разрешуваат проблемите, а Македонија не е исклучок. Потребен е целосен ангажман што е можно поскоро, и двете страни потребно е да преземат одговорност, вели Гарет.

За настапот на бордот на Меѓународниот монетарен фонд, амбасадорот Гарет вели дека британска политика кон сите земји приматели на грантови и заеми е да се поттикнува на поцврсто управување со јавните финансии. Според амбасадорот Гарет, и Македонија би можела да го зајакне управувањето со јавните финансии, во согласност со агендата на „отворена Влада” и проценките од последниот извештај на Европската Унија. Гарет додава дека Британија, како седиште на еден од најголемите светски финансиски центри, е заинтересирана да ги слушне деталите за предлогот за создавање на слободни финансиски зони во Македонија, со уставно обезбедување на нивниот статус.

– Финансиските услуги се многу битен дел од британската економија – лондонскиот Сити е светски лидер во многу аспекти на секторот на финансиски услуги така што ние имаме природно искрен интерес во овие иницијативи. Со нетрпение ги очекувам да ги прочитам плановите на Владата кога ќе бидат објавени, вели амбасадорот Чарлс Гарет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top