Елементариум
Кога сончевите зраци поминуваат низ капки вода во атмосферата, тие се однесуваат како призми, прекршувајќи ја светлината и создавајќи го овој спектакл на небото.
Виножитото настанува поради прекршување на светлината. Тоа не е на некоја одредена оддалеченост од набљудувачот, не е ништо друго туку оптичка илузија. По дожд во атмосферата се концентрираат капки вода. Кога низ нив минува белата сончева светлина, тие се однесуваат како призми и доаѓа до прекршување и рефлексија внатре во капките. Светлината се прекршува, т.е. се рефрактира при влезот на површината на капката, се одбива од внатрешноста, а потоа повторно се прекршува при излегување од капките.
Физика на виножитото
Сончевиот зрак е електромагнетно зрачење кое во себе содржи видлива, инфрацрвена и ултравиолетова светлина, а секоја од боите дали за нашето око се видливи или не, има своја бранова должина. Секако, одреден дел се филтрира, односно не минува низ атмосферата на нашата планета. Светлината која доаѓа до капките се прекршува на широк пречник на аглите. Аголот под кој се прекршува светлината не зависи од големината на капката, туку од брановата должина, односно од бојата на светлината. Оваа појава се нарекува дисперзија. Аголот исто така зависи и од индексот на прекршување на капката. Тоа значи дека на пример, капките на морската вода поинаку ја прекршуваат светлината од капките на слатката или неутралната вода.
Најмногу светлина се одбива на агол од околу 42 степени. Токму под тој агол, во однос на хоризонтот, виножитото најдобро се гледа. Ако аголот е многу поголем од овој, виножитото е под хоризонтот, па не можеме да го видиме. Сината светлина се одбива под нешто поголем агол од црвената, меѓутоа поради одбивањето на светлината внатре во капките, сината светлина ја гледаме од внатрешната страна на лакот, додека црвената од надворешната. Ако се наоѓаме во авион, аголот под кој ги гледаме зраците е поинаков, па можеме да видиме виножито и кога сонцето е високо над хоризонтот. Сличен случај е и кога гледаме низ капки на водопад или фонтана, бидејќи тогаш капките се многу поблиску до нашите очи.
Самоорганизирана критичност
Меѓутоа, ова не е се што е потребно за да можеме да видиме виножито. Капки вода секогаш има во атмосферата и светлината низ нив постојано се прекршува. Како тогаш не гледаме виножито секогаш кога светлината од Сонцето ни доаѓа под соодветен агол?
Тајната е во тоа што виножитото е еден од т.н. феномени на самоорганизирана критичност. Тоа е еден статистички феномен во физиката и се изразува кај системи со критична точка. Во случај на виножитото постои одредена концентрација на капки во атмосферата која е потребна за тоа да се појави. Таа концентрација се нарекува критична концентрација и тоа дури кога ќе се достигне нејзината вредност, ќе постои доволна количина на светлина со истите карактеристики за да ја регистрира нашето око.
Виножитото во различни светски култури секогаш со себе носело доза на мистичност и било предмет на многу легенди. Римјаните го сметале за добар знак на богот на Сонцето Сола, а древните индијански племиња верувале дека виножитото е мост меѓу животот и смртта. Популарна ирска легенда зборува дека под виножитото самовилите оставаат грниња со злато.
Посебни виножита
Ако нема преголемо загадување во атмосферата, на небото понекогаш може да се види двојно виножито. Овој посебен случај настанува поради двојно одбивање на светлината во капките, наместо само еднаш. Токму поради ова дупло одбивање, редоследот на боите во секундарниот лак е обратен, па сината боја е од надворешната страна. Бидејќи многу помала количина на светлината двојно се одбива, секундарниот лак многу послабо се гледа.
Постојат и т.н. монохроматски виножита. Понекогаш се случува силен дожд да има во зорите или на залез на сонцето, кога покуси бранови должини веќе се прекршени под голем агол во атмосферата. Ова значи дека тој дел од светлината не поминува низ капките и по прекршувањето во капките како резултат можеме да добиеме еднобојно виножито.
Еден од најмалку познатите факти е тој дека виножито можеме да видиме и ноќе. Сончевата светлина одбиена од месечината исто така се прекршува на капки вода. Меѓутоа, поради малата количина на светлина, овој вид на виножито многу тешко може да се види. Толку мало количество на светлина недоволно ги активира рецепторите во човечкото око, па виножитото може да ни се причини сиво. Ноќното виножито најлесно може да се види на фотографии со многу голема резолуција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.