| четврток, 6 декември 2018 |

Сурогат мајка роди близнаци – болното бебе останало кај неа

сурогат

Малиот Геми се бори за живот, откако двојката која требаше да го посвои се откажа од него затоа што има Даунов синдром.

За негова огромна среќа, сурогат мајката која го родила него и неговата сестра близначка, која е сосема здрава, реши да го задржи и да го чува како свој.

-Го сакам како да е мој, не го давам на никој – вели Патарамон Џанбуа (21) од Тајланд, која пред шест месеци го донесе на свет болното дете.

Таа добила 16.000 долари од Австралијците кои ја најмиле да им роди дете. Кога дознале дека носи близнаци, идните родители биле пресреќни и ветиле дека ќе и платат уште неколку илјади долари.

Меѓутоа, во четвртиот месец од бременоста докторите утврдиле дека едно од бебињата пати од Даунов синдром.

Австралијците сакале Патарамон да абортира, а кога одбила, одлучиле да го прифатат само здравото девојче и да го отфрлат болното момче.

Бебето моментално се наоѓа во болница во Банкок, а Патарамон е постојано крај него.

– Се плашам дека Геми нема да преживее. Има сериозна инфекција на белите дробови и докторите му даваат мали шанси – кажува младата жена.

Откако австралискиот пар си отишол дома со сестрата на Геми, сурогат мајката ветила дека ќе се грижи за момчето. Во тоа ќе и помогнат великодушните донации од странците кои досега собрале 182.000 долари за лечењето на Геми.

– Ова е грешка на возрасните која детето не треба да ја плаќа. Ќе се потрудам да закрепне и да има убав живот – вели Патарамон, која има уште две деца.

Иако Геми се родил со Даунов синдром, тој има огромна среќа што Патарамон ја има за мајка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top