| четврток, 6 декември 2018 |

Техничките апарати најголем проблем за македонските потрошувачи

bela_tehnika

Во првата половина од годинава потошувачите во Македонија најмногу се пожалиле на сервисирањето и продажбата на неквалитетни технички апарати. Во Организацијата за заштита на потрошувачи имало 502 јавувања, а најмногу 20 проценти се однесувале на мобилните телефони, седум отсто на телевизори и 4 отсто на таблети лап-топ и десктоп компјутери.

– Најчести проблеми се јавуваат при сервисирањето на овие производи, кои се сервисирале повеќекратно,  а по враќањето на производот кај потрошувачот, недостатокот не бил воопшто отстранет, па производот повторно  бил даден на сервис. Честа појава е потрошувачите да купат  производ кој не функционирал, од што може да се претпостави дека бил продаден со недостаток.  Кај ваквите случаи, многу ретко потрошувачот добива нов исправен производ веднаш, туку производот со недостаток се праќа на сервис, информираат од Организацијата.

Потрошувачите се пожалиле и на други производи – мебел, обувки, возила и резервни делови. Кај мебелот поплаките се однесувале на долгиот период на чекање на испорака или неквалитетна изработка.

Во Организацијата се евидентирани и 129 јавувања со поплаки за добиени услуги. Од нив 23 проценти се однесуваат за туристичките агенции, одобено во вториот квартал од годината. Потрошувачите, како што посочуваат од Оранизацијата, најчесто се жалеле на неисполнување на делови од понудата, како недобивање соба со поглед на море, олинклузив услуги, превоз од аеродром до хотел, бесплатни лежалки и други елементи кои биле однапред договорени со туристичката агенција и биле дел од понудата.

Апелираат до потрошувачите да не чекаат, и веднаш, во рок од 8 дена од враќањето од патувањето да поднесат приговор до самата агенција, и да почекаат разумен рок од 15 дена да им врати одговор на приговорот.  Доколку добијат негативен одговор, или не добијат воопшто одговор, да се обратат до Државниот пазарен инспекторат, кој постапува согласно своите законски надлежности, но исто така можат веднаш да започнат судски спор, односно да поднесат тужба со барање надомест на штета.

Доколку штетата е материјална и е лесно проценлива, можат да бараат поврат на онолку средства колку што тие додатно потрошиле, не по своја вина, а доколку причинетата штета не е материјална, таквата може да се процени само по судски пат.

Потрошувачите исто така се жалеле и на одредени наградни игри кои ги дава трговецот, а каде по исполнување на сите услови за подигање на наградата, не можеле да дојдат до трговецот кој ја ветил наградата, па така не можеле да го остварат своето право да ја добијат.

Од Организацијата посочуваат дека  се уште е присутен проблемот со тргувањето на интернет на одредени интернет страници. Потрошувачите константно се жалат на измами и неквалитетни производи за кои најчесто нема овластен сервис за производите што ги купуваат при тргувањето на овие интернет продавници. Потрошувачите не добиваат информации за трговецот, освен некој мобилен телефон кој најчесто не е во функција или емаил на кој никој не одговара, па така побарувањата за враќање на производот во законскиот рок од 8 дена, или подоцна за сервисирање на појавен недостаток наидуваат на неможност да си ги остварат своите права.

Од  доменот на јавните услуги на национално ниво во Организацијата на потрошувачите имале 115 јавувања од кои најголем дел 33 проценти биле за мобилната телефонија. Најчест проблем се стари сметки за кои потрошувачите тврдат дека се навремено платени, а мобилните оператори поради грешка во системот доставиле побарување за наплаќање на заостанат долг кој не бил прикажан во претходните сметки.

Како проблем во јавните услуги на национално ниво се јавувања за испорака на електричната енергија со 28 проценти. Потрошувачите се жалеа на неисправност на мерните апарати, нелогични големи суми на сметки за електрична енегија кои им се доставувале за викендички или други објекти кои не се користат секојдневно. Исто така исклучените граѓани се жалеа за превисоки сметки за повторно приклучување.

За јавните услуги на ниво на град Скопје и локална самоуправа добиени се 105 јавувања, а најмногу поплаки 48 проценти се пристигнати за испорака на топлинска енергија. Најчест проблем се сметките кои пристигнуваат кај лицата кои се исклучени од мрежата за греење. Тие се жалеа на превисоки паушали кои мораат да ги плаќаат и превисоки цени на исклучување. Од лицата кои користат парно греење, најчесто добивавме поплаки на неквалитет на испораката на топлинска енергија, постојан проблем со мрежата, како и со превисоки цени за греење кое не го добиваат во целост.

Во делот на специјалистичките советувања имало 108 јавувања, а најголем дел 52,7 проценти во делот на финансиските услуги, исхрана (26,8%), домувањето (18,5%) и правата на пациентите(12%). Потрошувачите се жалеа и на квалитетот на одредени видови храна, како што се на пример лебот, мармаладот, млекото и сл. Тие велеа дека често се случува да најдат производи со поминат рок, или дека во некои продавници трговците сами го менувале рокот на траење на производите.

Според статистиката на Организацијата, во првите шест месеци од годинава се јавиле 965 потрошувачи кои побарале некој вид совет, по пат на телефон, е-маил или лично. Од советувањата 857 се општо правни, а 108 се специјалистички советувања за исхрана, финансиски услуги, права на пацинети и домувања. Најголем дел од советувањата се направини преку телефон 59 проценти, 34 преку електронска пошта и седум лично.

Од Организацијата наведуваат дека во изминатиот период се забележува истиот тренд на неприменување на членот 50 од Законот за заштита на потрошувачите според кој потрошувачот има право да бара замена или поврат на средствата кои биле уплатени, во рок од 15 дена, на секој производ (освен храна, лекови и друг вид производи за кои постојат посебни правила)  што има соодветен квалитет, а не му одговара во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или други причини, и за истиот поседува фискална сметка или сметкопотврда, доколку не бил употребуван и е сочуван изгледот на производот, употребните својства, пломбите и фабричките етикети. Потрошувачите се жалат дека трговците самоволно го смалуваат рокот на враќање или воопшто не дозволуваат враќање на средствата кои биле уплатени туку им понудуваат само замена со друг производ, иако ги исполнуваат сите услови за враќање на производот

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top