Повеќе од 100 меѓународни експерти и денеска трагаат по телата на жртвите од падот на малезискиот авион во регионот на Донецк во источна Украина, соопшти портпаролот на ОБСЕ, Шив Шарма.
– Повеќе од 100 експерти дојдоа денеска на местото на падот на авионот. Нивната потрага е фокусирана на полето во близина на градот Расупноје – прецизираше Шарма.
Експерти од Холандија и Австралија веќе трет ден работат на местото на падот на авионот, со помош на осумчлена специјална мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина. Нивната задача е пронаоѓање на телата на жртвите, како и нивните лични предмети.
Авионот „боинг 777“ на компанијата „Малезија ерлајнс“ на патот од Амстердам до Куала Лумпур се урна на 17 јули, во регионот на Доњецк, 60 километри од границата со Русија, во зоната на судири меѓу проруските бунтовници и украинската војска. Загинаа сите 298 патници и членови на екипажот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



