| четврток, 6 декември 2018 |

Заштита на културното наследство: Претставници од Управата, царинската служба и полицијата на обука во Италија

Поголемиот дел од обуката е наменет за македонската полиција, но и за претставници на Царинската служба, Управата за заштита на културното наследство и на правната служба во Министерството за култура која се занимава со оваа проблематика

unesko

Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија, по двата реализирани регионални семинари за имплементација на Конвенцијата на УНЕСКО за недозволена трговија со културното наследство, договори со Регионалното биро на УНЕСКО организирање на обука за 10 учесници од Македонија во Рим, Италија, во периодот од 12 до 18 октомври 2014 година.

Поголемиот дел од обуката е наменет за македонската полиција, но и за претставници на Царинската служба, Управата за заштита на културното наследство и на правната служба во Министерството за култура која се занимава со оваа проблематика.

Македонските учесници на обуката ќе имаат можност да се запознаат со: структура и задачите на службите на италијанската полиција – карабинери задолжена за борба против нелегалната трговија со културното наследство; задачите на мониторингот на трговијата со културни добра; обезбедувањето на музеите; активностите за превенција, мониторинг и обезбедување на археолошките наоѓалишта.

– По реализираната обука во Италија, македонските учесници би стекнале непосредно искуство кое подоцна би можеле да го пренесат на своите колеги и, всушност, би се овозможило во иднина да имаме наши обучувачи за оваа проблематика – велат од министерството.

Борбата против недозволената трговија со културното наследство е од висока важност на политичката агенда на сите држави од југоисточна Европа кои ја имаат ратификувано Конвенцијата на УНЕСКО за мерки за забрана и спречување на недозволен увоз, извоз и пренос на сопственост на културни добра од 1970 година, што Македонија ја ратификуваше во 1997 година, по пат на сукцесија.

– Македонија во изминатиот период направи позитивен и сериозен исчекор во спречувањето на недозволената трговија со културното наследство. Во координација со Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и Министерството за култура, беа спроведени многу акции при што само минатата година беа евидентирани обиди за нелегална трговија на над 500 културни добра. Овие бројки говорат за нашиот одговорен пристап кон културното наследство на Република Македонија и за преземените мерки и активности кои се во насока на обезбедување повисок степен на безбедносна заштита на наследството. Во соработка со Царинската управа беше отворено и информативно катче на аеродромот „Александар Велики“ со цел да ги информираме царинските работници, но и граѓаните како може да распознаат оригинал и копија и какви вредности не е дозволено да се изнесуваат од државата – додаваат од Министерството за култура.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top