| четврток, 6 декември 2018 |

Јајхага: Инстутициите да спречат Косово да стане извозник на екстремизам

Косовската претседателка Атифете Јахјага од безбедносните институции во земјата побара да ги преземат сите потребни мерки за  спречување и борба против заканата од исламски екстремизам и радикализам, по појавата на застрашувачки снимки од косовски Албанци во Сирија, пишува „Коха диторе“.

jahjaga

Претседателката Јахјага разговараше со првите луѓе на безбедносните институции на Косово за заканите кои доаѓаат од исламскиот екстремизам и радикализам. Таа ги  повика оваа закана да ја стават како безбедносен приоритет на Косово, регионот и пошироко, односно во соработка со партнерите да спречат Косово да извезува радикални екстремисти низ светот, беше соопштено од кабинетот на претседателката.

Јахјага истакна дека Косово ниту во еден момент „нема да дозволи да стане извор на екстремизам и засолниште на криминалци кои поттикнуваат терор и омраза“.

Министерот за внатрешни работи Бајрам Реџепи, на состанокот побара меѓународна потерница за Лавдрим Мухаџери, кој како во филмските снимки се гледа како му ја отсекува главата на едно лице во Сирија.

Како што пренесуваат дел од белградските медиуми, косовскиот Албанец Лавдрим Мухаџери (24), од Качаник, кој заминал на џихад во Сирија и таму врши брутални злосторства, на Фејсбук објави фотографии од своите најнови активности, односно како држи едно момче и се подготвува со нож да му ја отсече главата, а потоа како отсечената глава ја држи во раце и позира пред камерата.

Најпознатиот косовски припадник на злогласната екстремистичка организација „Исламска држава во Ирак и Левантот“ или само „Исламска држава“, минатиот месец беше во фокусот на медиумите во регионот бидејќи објави фотографија на која го пали косовскиот пасош.

Како што пренесуваат приштинските медиуми, последните неколку година повеќе од 200 косовских Албанци заминале на  џихад за да се борат на страната на радикалните исламски групи. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top