Најповолни одморалишта во Европа годинава се Коста дел Сол во Шпанија и бугарскиот Сончев Брег, додека италијанскиот Соренто и францускиот град Ница се најскапите летни дестинации. Патниците се предупредени дека типичните потреби на одморот, како кремовите за сончање и спрејовите за инсекти, во некои од овие одморалишта чинат и до 80 отсто повеќе.
Оние кои ќе се одлучат да јадат во ресторани, ќе забележат дека цените на најпопуларните одморалишта опаднале и за 46 отсто. Тоа е случајот со Соренто во Италија и Пореч во Хрватска. Цените се покачени на Мајорка, која во мометов е едно од најскапите места во Европа на кои можете да јадете.
До таквите резултати дојде истражувањето на британскиот „Post Office Travel Money“, што ги испита цените за типичните потреби за туристите во 13 најпопуларни одморалишта. Со истражувањето беше опфатена цената на оброкот за семејството, со предјадење и десерт, потребите на плажа, сокови и алкохолни пијалаци.
Најповолни според цените се Сончев Брег во Бугарија каде што трошокот за наведените работи изнесува 84 евра. Следната најповолна дестинација за одмор е Коста дел Сол, каде што споменатите работи чинат 101 евра, а ги следи Крит (110 евра).
И покрај падот на цената на оброкот, Соренто е едно од најскапите одморалишта, каде што летните потреби чинат во просек 180 евра. Поскапа е само Ница во Франција – 187 евра.
Кантичката и лопатките за играње во песок чинат само две евра на Крит, но во Ница за нив ќе морате да издвоите 10 евра.
Порција помфрит на Сончев брег чини 80 центи, а во Ница повеќе од четири евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.