| четврток, 6 декември 2018 |

Се олеснува процедурата за пријавување во ФЗОМ

  fzo

Со пријавување во Агенцијата за вработување на Р.Македонија по автоматизам ќе се добива и здравствено осигурување од ФЗОМ за вработениот и неговото семејство и за пријавување на новороденчињата во ФЗОМ нема повеќе да треба да се доставува извод од матичната книга на родени.

Овие новини кои стартуваат од утре, денеска ги најави директорката на ФЗОМ Маја Парнарџиева Змејкова и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.

-Новина е автоматско пријавување во здравственото осигурување на сите вработени, нововработени кои што го менуваат работното место заедно со нивните членови, а без притоа да доаѓаат во Фондот и без притоа фирмите да доставуваат непотребни докумeнти. Фондот со електронско поврзување со АВРМ автоматски ќе обезбеди континуирано здравствено осигурување само при појава на М1 образец – истакна Парнарџиева Змејкова.

Таа додаде дека втората новина се однесува на поврзување на ФЗОМ со Управата за водење на матични книги, Фондот повеќе нема да бара извод од матична книга на родени за новороденчиња за нивно пријавување во здравственото осигурување и родителите од таа обврска ќе бидат ослободени бидејќи по службена должност на електронски начин Фондот ќе го добие изводот од Управата. За да се пријави едно бебе потребно е родителот само да  достави пријава за здравствено осигурување и  здравствена легитимација за бебето.

Очекувани придобивки од овие новини, потенцираше Парнарџиева Змејкова, за фирмите се тоа што пријавувањето на носителите и членовите на нивните семејства ќе да се врши автоматски без доставување на хартиени М1/М2/ЗО1 обрасци, навремена и точна евиденција на сите активни носители на здравствено осигурување и пријавувањето на новите членови на семејства ќе се врши електронски без притоа да се посетуваат подрачните служби на ФЗОМ. Додека придобивки за осигурениците се запазување на континуитетот во здравствено осигурување што е основен предуслов за остварување на некои права од здравствено осигурување.

– Со ова поврзување со ФЗОМ ќе ги намалиме и оние гужви кои што беа во Фондот, сите оние 30000 пријави-одјави на месечно ниво. Ова директно поврзување, значи во истиот момент кога ќе се реализира, процесуира М1 пријавата или М2 одјавата во АВРМ, истиот момент ќе се креира ЗО1 образец во ФЗОМ бидејќи нашите системи се поврзани на релно време, односно не се прави по некој пресеци туку во истиот момент кога се реализира кај нас се реализира и во ФЗОМ – истакна директорот на АВРМ Поповски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top