Со ребаланс на буџетот кој ќе се најде во Собранието најдоцна до 15 септември, српската влада ќе ги намали платите и пензите за 10 отсто.
Српскиот премиер Александар Вучиќ се одлучи на поблага варијанта на намалување на платите и пензиите, откако не ги прифати мерките на министерот за финансии во оставка Лазар Крстиќ, кои беа далеку поригорозни.
Крстиќ даде оставка бидејќи српската влада не прифати драстично да ги намали пензиите и платите. Крстиќ се повлече од владата бидејќи не се прифатени неговите предлози за поостри мерки во јавните трошоци: намалување на платите и до 30 отсто, намалување на пензиите за најмалку 20 отсто, од државната администрација да се отпуштат 30 отсто, односно откази да добијат 160.000 луѓе.
Покрај ова, мерките на Крстиќ предвидуваа и зголемување на цената на електричната енергија за 30 отсто. Тој сметаше дека овие мерки се неопходни доколку Србија сака да се спаси од банкрот. Премиерот Вучиќ тие мерки не ги прифати, а економските експерти во Србија ги оценија како “безобразни“.
Како што изјави новиот министер за финансии, Душан Вујовиќ, владата ќе се труди намалувањето да не биде повеќе од десет отсто.
-Ефектите од намалувањето на платите и пензиите ќе бидат отприлика две третини од потребното кратење на буџетскиот дефицит, а остатокот ќе се покрие од снижување на трошоците. Следната година се надевам дека нема повеќе да се поставува прашањето за намалување на плати и пензии, а како резервна мерка ќе го имаме зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ), рече Вујовиќ.
Вујовиќ најави дека Ребалансот на Буџетот ќе се најде во српското СОбрание до 15-ти септември и дека би требало да биде усвоен истата седмица. Министерот смета дека резултатите од 100 дена Влада ќе покажат нејзина решеност да продолжи со реформите и создаде поволен амбиент за планираните политики.
Како што пренесуваат српските медиуми, економистите сметат дека реформската агенда се поклопува со мерките за долгорочна макроекономска стабилност која се предлага веќе со години.
Македонија дополнително ќе ги зголеми платите и пензиите
Додека во Србија значително се намалуваат платите и пензите, во Македонија тие ќе се зголемуваат. Министерот за финансии Зоран Ставрески, вчера изјави дека од октомври ќе се зголемат платите на јавната администрација, а догодина и ново покачување на пензиите.
таврески истакна дека и покрај предизвиците кои се случуваат на економски план во регионот и светот, што доведува до намалување на платите и пензиите во повеќе држави, Владата на Република Македонија успева да одржи макроекономска стабилност, но и да ги зголеми платите и пензиите.
– Деновиве Србија објави дека ќе ги намалува платите и пензиите за 10 отсто.Португалија истото го направи. Даноци на пензии се воведуваат во некои земји. Ние сме далеку од тоа. Со здравите економски политики ќе успееме не само да не дојде до такви ситуации, туку и да го реализираме она што е ветено кон граѓаните, а тоа е зголемување на платите во јавниот сектор оваа година, почнувајќи со платата за месец октомври, изјави министерот Ставрески и најави и ново покачување на пензиите за следната година.
Ставрески истакна дека со вакви економски политики на Владата Република Македонија и понатаму ќе ја задрзи макроекономска и фискална стабилност.
– Во вакви времиња кога во другите земји има непопуларни и тешки мерки кои го влошуваат стандардот на граѓанитем, ние успеавме да се справиме со тешки предизвици и да обезбедиме реален пораст на примањата кои се финансираат од буџетот, заклучи Ставрески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


