Силната репрезентација на Италија предводена од НБА ѕвездата на Детроит пистонс, Луиџи Датоме ја победи Македонија со 63-56 во второто коло на кошаркарскиот турнир „Трофеј Македонија“, што се игра во Скопје.
Датоме беше неџзадржлив и со 17 поени и 5 погодени тројки ги предводеше „аѕурите“ до втората победа на турнирот. Со фуриозна игра во првата четвртина Италијанците ги разрешија дилемите околу победникот и по само 10 минути игра имаа предност од 26-12.
Македонија во следните две четвртини беше рамноправна, а нашите кошаркари притиснаа во последниот период, но беше доцна за пресврт. Го добивме последниот период со 11-4, но лошиот шут од поле и послабиот скок не чинеа пораз, прв во пет натпревари откако Александар Џикиќ е селектор на Македонија.
Датоме и Арадори со по 17 поени беа најефикасни и кај Италија и на натпреварот, а во таборот на домаќинот Александар Костоски беше прв стрелец со 11 поени, пред Дамјан Стојановски со 10 и Ричард Хендрикс со 9 поени.
Во првиот меч од втората рунда Црна Гора убедливо со 92-71 ја победи Полска, а утре од 20 часот ќе ни биде противник во меч со кој ќе заврши турнирот во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


