| четврток, 6 декември 2018 |

Во Вевчани: Отворена Академијата за убави уметности

g_vevcaniii5000

Минута до дванаесет часот, денеска во Вевчани е отворена Академијата за убави уметности-Вевчани (АУУВ).

– Вевчанската хроноисторија и македонската уметност, култура и наука, од денеска се побогати со формирањето и работата на Академијата за убави уметности Вевчани – рече во своето инаугуративно обраќање градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски.

Тој додаде дека со овој многу значаен творечки зафат се потврдува многудеценискиот богат духовен живот на македонскиот народ и вевчанци што е, нагласи, вевчанска гордост и потврда за вевчанските неимари и градители кои на овие балкански простори и пошироко и во невремиња ја размножувале убавината на градбите и животот.

– Академијата за убави уметности Вевчани, како нова културолошко-научна установа ќе работи и на развојот на креативните потенцијали и способности особено кај младите и талентирани луѓе што низ современи методи ќе ги согледува, анализира и унапредува состојбите во областа на културното наследство и природното богатство на Вевчани, истакна професор доктор Јован Стефановски-Жан, претседател на Иницијативниот одбор за формирање и работење на Академијата за убави уметности Вевчани.

Седум секции ќе работат во состав на Академијата за убави уметности, појасни архитектот Стефановски: секција за традиции и култура, за книжевност и историја, за сликарство и скулптура, за архитектура и градителство, за театар и филм, за нови технологии и информатика и секција за музика, спорт и забава.

Академијата за убави уметности Вевчани, ја сочинуваат 21 член кои моментно работаат на изготвување на предлози за избор на нови членови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top