Исламистичките радикали од ИСИС наредиле полово сакатење на сите жени во Ирак на возраст од 11 до 46 години, објавија Обединетите нации.
-ИСИС објави фатва за која туку што сме известени, изјави Жаклин Бадкок, претставничка на ОН во Ирак, јавувајќи се преку видеовриска во седишето на организацијата во Женева. Бадкок не можела да каже за колкав број жени и деца станува збор, но проценката, врз основа на информациите на ОН, се дека со таа одлука можат да бидат погодени 4 милиони девојчиња и жени.
Половото сакатење на жени до сега не се практикувало во Ирак освен во некои изолирани подрачја. Претставничката на ОН информирала и дека во градот Мосул останале „само дваесетина христијански семејства“ кои преживуваат благодарение на помошта од невладините организации. Некои од семејствата биле принудени да се преобратат во ислам, а други решиле да платат парична глоба која им ја наметнуваат исламистите од ИСИС.
Екстремистичката радикална сунитска организација ИСИС потекнува од терористичката мрежа на Ал Каеда и делува во Сирија и Ирак и е обвинета за најстрашни злосторства. Молњевитата офанзива во Ирак почна на 9 јуни, а радикалите до сега освоија многу градови и стигнаа на 70 километри до Багдад. Водачот на ИСИС, Абу Бакр ал Багдади, кого следбениците го прогласија за „калиф“ ги повика сите муслимани на послушност.
Половото сакатење на жени е постапка на делумно или целосно отстранување на надворешните женски гениталии или друго повредување на женските полови органи од немедицински причини. Нема никаква здравствена корист и се врши исклучиво од верски, традиционални верувања дека жената не треба да ужива во сексот или од други предрасуди.
Освен опасноста од инфекции, има и други долгорочно опасности за телесното, менталното и сексуалното здравје на жените. Оваа пракса е проширена во 28 земји во Африка и во делови на Блискиот Исток.
Според Светската здравствена организација 140 милиони жени и девојчиња во светот се полово осакатени, а со оваа закана секоја година се соочуваат 3 милиони жени и девојчиња.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.