Нема повеќе од 600 Македонци кои летувале во најразвиениот туристички град во земјава, ако се исклучат тие што имаат станови во Охрид.
– Но, и тие во последно време се воздржуваат од одење таму, најчесто поради лошите временски услови, информираат за „Дневник“ од Асоцијацијата на хотелиери на Македонија – ХОТАМ.
Ако се земат во предвид податоците на Стопанската комора за туризам, ова лето во Охрид може да се оцени како едно од најлошите, според бројот на домашните посетители.
За разлика од Охрид, во 2013 година во соседна Грција биле околу 390 илјади семејства.
– Ако претпоставиме дека секое семејство потрошило најмалку 500 евра, колку што се потребни за летување, ќе се добие податокот оти минатата година македонските туристи во Грција оставиле минимум околу 196 милиони евра, анализира „Дневник“.
Во првите шест месеци од оваа година, пак, според истата претпоставка дека станува збор за четири члена од семејство, Стар Дојран, Богородица и Меџитлија ги минале 177 илјади семејства. Ако секое од нив потрошило околу 500 евра, цифрата што ја зедовме како просек, тоа значи дека досега Македонците во Грција оставиле околу 88 милиони евра.
Ако се следи тенденцијата, иако сме на повеќе од половина од годината, бројките на семејствата од Македонија што ги минале премините кон Грција од годинава и лани и парите што таму ги потрошиле ќе бидат речиси исти.
Тоа значи дека ниту е намалена ниту зголемена бројката на Македонци што ги минуваат трите гранични премини кон јужниот сосед, односно дека интересот за Грција во последните години е речиси идентичен.
– Ако зборуваме за Охрид, вели Дончо Танески од ХОТАМ, просечно македонско семејство за седумдневно летување таму не би потрошило повеќе од 400 евра, во зависност од тоа каков тип сместување изнајмиле.
Во Грција таа бројка би била поголема, односно би се движела околу 500 евра, со оглед на тоа дека сите трошоци дневно во Грција не би биле помали од 70 евра.
– Студио во Охрид, кое може да прими четиричлено семејство, би чинело околу 280 евра за десетина дена, слично како и во Грција, но за разлика од таму, пак, продуктите кај нас се поевтини. На пример, поевтини се и јадењето и пиењето, но и овошјето и зеленчукот, а на одредени плажи во Охрид има исти цени како и на плажите во Грција, појаснува Танески.
Во текот на минатата година, пак, според Стопанската комора за туризам, бројот на туристите што летувале надвор, но и во земјава, бил намален поради економската криза. Лани, според процените на комората, е регистриран за 20 проценти помалку лица што летувале надвор од земјава, но и 10 отсто помалку што летувале во Македонија. Во Грција летуваат дури 70 проценти од лицата што заминуваат на одмор од Македонија, а втора земја е Турција. Општо земено, бројот на странските посетители на Грција во периодот јануари-мај годинава е зголемен за 17 проценти, надминувајќи три и пол милиони туристи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.