Од Центарот за јавно здравје Охрид информираат дека засега во Охрид е регистриран еден случај на пациент кај кого лабораториски е потврдено присуство на бактеријата листерија. Станува збор за 78- годишна жена која по лекувањето во Скопје, е пуштена дома и е во добра здравствена состојба, објави Охрид њуз.
Во Македонија во последните 30 дена беа регистрирани седум случаи кај кои е потврдено присуство на бактеријата листерија од кои четири починаа.
Стручните лица препорачуваат дека е потребно поголемо внимание при подготовка и консумација на храна, бидејќи летото е период кога почесто се јавуваат заразни болести, кои се пренесуваат преку храна. Затоа, велат, неопходно е темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна и почесто миење на рацете за време на подготовка на храната. Се препорачува храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (во фрижидер), и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени Целзиусови.
Во летниот период се препорачува избегнување на лесно расиплива храна, како што се мајонези, кремови, сладолед од свежи и термички необработени јајца, како и да се консумира безбедна вода за пиење, а доколку не сме сигурни за нејзиниот квалитет, пред употреба задолжително да се преврие.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



