Кога во некој познат маркет некаде во светот ќе купите кекси, чоколади, корнишони, бомбони, мајонез… на чија амбалажа стои името на трговскиот синџир, а не на производителот, задолжително помислете на тоа дека во странското пакување можеби се крие нешто што е произведено тука, во Македонија. Голем број познати и помалку познати македонски компании произведуваат за странски и домашни трговски синџири без да го назначат својот идентитет, пишува Вечер.
Иако се појавиле на крајот на 19. век во САД, таканаречените приватни или трговски марки го освојуваат светот последниве четири децении, откако британски Теско” за да понуди најевтини производи, а да не ги прекрши законите, почнал да порачува готови производи кои ги ставал во своја амбалажа и лепел етикети со своето име. Во Македонија производството за нарачател кој на производот му дава свој комерцијален назив и свој дизајн е карактеристично последниве десетина години и се повеќе ги освојува и домашните маркети. Речиси нема трговски синџир кој не продава нешто под свое име. Вакво производство имаат големи компании со брендирани и добро познати производи како, на пример, „Европа“, „Витаминка“ и други, но и мали, кои допрва прават обиди пазарот да почне да ги препознава под нивно име.
Производите под приватни марки се секогаш поевтини од другите, иако се идентични со тие кои го носат брендот на производителот. Токму ниската цена и евтината амбалажа кај некои наши купувачи се уште предизвикува сомнеж, па ги избегнуваат плашејќи се од лош квалитет. Оние што пробале, пак, продолжуваат да ги купуваат, па дури и го препознаваат брендот што се крие зад приватната марка. Производителите на вакви производи уверуваат дека квалитетот е стандарден и не треба да се има сомнеж во него само заради ниската цена, која во повеќето земји во светот е за околу 20 отсто пониска од цената на марката на производителот.
Прилепска „Витаминка“ произведува приватни марки и за домашни и за трговци од регионот. Нејзините производи повеќе од 10 години се спакувани во трговските марки на „Туш“, „Гетро“, „Меркатор“, „Делта“. Генералниот директор Сашо Наумовски вели дека ќе продолжат со ваквиот начин на работа, а го практикуваат за да ги пополнат производствените капацитети во периодите кога тие се неискористени. Тој додава дека на пример мајонезот во теглата на „Витаминка“ е ист со тој во амбалажата на приватната марка и наведува низа причини поради кои има разлика во цената.
– За приватните марки не се организираат кампањи, нема маркетинг, рабати и супер рабати за влез, бар-кодови, не се ангажираат мерчендајзери, нема дегустации, не се плаќа за ангажирање на полици. Трошоците што се вградуваат во брендот не се вградуваат во приватната марка. Сето тоа си го прават самите трговски синџири, па трошоците се помали и затоа цената е пониска – вели Наумовски.
Додека производите на овој прехранбен гигант можете истовремено може да ги набавите и под неговото име и оригинално пакување и под името на маркетот кој ги продава, во државата има и голем број мали фирми кои исклучиво или доминантно работат приватни марки. „Јоми фуд“ од Велес е фирма која во моментов работи на брендирање на своите производи. Слатката и ајварот што ги произведува може да се купат и со името на компанијата, но и под приватната марка на познат домашен трговски синџир. Управителот на „Јоми фуд“, Зоран Аврамов, не е задоволен од ваквиот начин на работа, пред се, затоа што трговците не го авансираат производството и не плаќаат навреме, па за да го реализираат тие мора да земаат кредити.
– Брендирањњето на производот е скапо. Преку приватните марки пласираме дел од производството, но во иднина тоа би го работеле само со странски партнери, токму поради тоа што тука никој не авансира и не плаќа навреме. Предноста на ваквиот начин на работа е во планирањето, затоа што зделките се склучуваат однапред и ние знаеме колку работа имаме и за кого работиме – објаснува Аврамов.
Во ваква ситуација се цела низа ситни домашни производители кои немаат доволно средства да регистрираат свој бренд, па тоа им го препуштаат на трговците. Бенефитот за сите нив е тоа што имаат сигурен пазар за тоа што ќе го произведат. Задоволни се и потрошувачите, кои имаат можност да купат по пониска цена нешто со солиден квалитет, што е особено значајно во кризни времиња. Истражувањата покажуваат дека во кризната 2009 година околу 37 отсто од потрошувачите замениле некој брендиран производ со поевтин под трговска марка. Ова било посебно изразено на развиените пазари, па така 57 оотсто Французи и исто толку Американци се преориентирале на производи под трговска марка. Во анкета на ГФК девет од 10 испитаници одговориле дека немаат намера да престанат да купуваат приватни марки ни кога кризата ќе помине. Токму поради овие причини во светот постои стравување дека приватните марки во догледно време може да ги потиснат националните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



