
Загадувањето на воздухот во голема мера е резултат на согорувањето на горивата од возилата од возниот парк во Македонија. Во согласност со податоците од државниот завод за статистика и од податоците со кои располага Групацијата на импортери на моторни возила, при Сојузот на Стопански Комори на Македонија, во Македонија секојдневно се експлоатираат околу 400.000 возила, кои го сочинуваат активниот возен парк стар до 20 години.
Најголем дел од возилата од возниот парк во Македонија, односно околу 80 проценти од возилата немаат заштитни филтри и емитуваат огромна количина штетни честички ПМ10 и ПМ 2,5, во атмосферата. Овие возила имаат катализатори од првите генерации, кои со оглед на староста на возилата не функционираат и со тоа не ги исполнуваат ниту декларираните норми.
Токму затоа групацијата на импортери на моторни возила при ССК, апелира за воведување на нормата Евро 4 за половни возила во првиот квартал од 2013 година.
Во Скопје мерењата на штетните честички на воздухот покажаа дека загадувањето е 20 пати поголемо од дозволените граници. Според европските стандарди, максимално дозволената граница е 50 милиграми на кубен метар.
Најголемо е загадувањето во главниот град, кое, пред сè е предизвикано од стариот возен парк, односно старите возила, кои се најопасни за здравјето на граѓаните, посебно старите дизел-системи со нивните издувни честички.
Според анализата на Светска банка објавена неодамна, во Македонија годишно умираат по 1.350 луѓе како резултат на загадувањето на воздухот со ситни лебдечки честички ПМ10
Во 2012 година е остварена најниската продажба досега. Во 2012 година се продадени 4.816 нови возила, односно 73 проценти помалку во однос на 2008 година, кога беше остварена највисока продажба.
Поради драстичниот пад на продажбата на нови возила, практично не само што не се обновува возниот парк, туку се зголемува староста на возниот парк во Македонија.
Сметаме дека сега е моментот да се реализира нашето барање за воведување на нормата Евро 4 за половни возила бидејќи согледувањата се дека со увозот на преку 114.000 користени автомобили во последните три години е задоволен социјалниот момент кај граѓаните, кои не беа во можност да купат нов автомобил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


