| четврток, 6 декември 2018 |

Србија го следи нашиот пример- ќе избира директори преку конкурс

вучиќ

Србија го следи примерот на Македонија и по ист принцип како македонската Влада ќе бира раководни лица во јавните претпријатија.

Српскиот премиер Александар Вучиќ најави крупни и темелни реформи во српските јавни претпријатија, потенцирајќи дека до 4-ти август ќе бидат сменети директори на многу од нив. Вучиќ во интервју за „Блиц“ изјави дека од денеска, сите директори ќе бидат избрани на конкурс.

-Тоа ќе бидат крупни, темелни промени. Не можеме да одиме во било каква мера на финансиска консолидација, би било бесмислено доколку не се насочиме кон реформи во јавните претпријатија, доколку не се насочиме кон решавање на проблемите на компаниите во реструктуирањето, бидејќи тоа нас ќе ни “изеде“ се’ што ќе заштедиме. За нас е најважна реформата на јавните претпријатија – рече Вучиќ.

Српскиот премиер нагласил дека пред тоа, за вршители на должноста директор на овие претпријатија подготвен е да постави лица кои во јавноста важат за способни, бидејќи отсекогаш се говорело дека тоа се партиски претпријатија.

Принципот на Вучиќ на бирање на лица на раководни позиции преку конкурс веќе го спроведува македонската Влада. Пред еден месец, нашата влада распиша мега оглас за ангажирање на околу 379 лица за раководни позиции во државната управа и за членови во управните и надзорните одбори.

Премиерот Никола Груевски смета дека со ваквите огласи им се дава можност на сите оние кои се независни, а кои имаат квалитети и сакаaт да се вложат.

-Ова е трет пат ВМРО-ДПМНЕ да го прави ова на ваков начин, во ситуација кога законски немаме обврска да го правиме тоа, но сакаме гласот за оваа шанса да стигне до секој човек кој поседува квалитети, знаење, креативност и желба да се приклучи и да и помогне на Македонија – рече Груевски.

Српската Влада ја следи практиката на македонската за ваков начин на ангажирање нови лица во своите редови, практика која ја покажува и докажува транспарентноста за ангажирање на лица на раководни позиции. На таков начин се елиминира можноста за какви било притисоци, отворајќи ги вратите за избор на лица што се образовани и квалификувани за соодветната позиција.


Соседите ги „копираат“ македонските модели

Ова не е првпат соседните земји по примерот на Македонија да практикуваат политики кои веќе се спроведени од нашата Влада. Македонскиот модел на „роуд шоу“ промоција на земјата како одлично место за инвестирање во минатото се покажа како интересна за владите на Србија, Хрватска, Романија, кои во последно време поактивно играат на оваа карта.

Тие се свесни дека роуд- шоуата даваат резултати и дека за инвеститорите, посебно за оние големите, многу е важен личниот контакт кој ќе го остварат со високи претставници задолжени за привлекување на инвеститори. Според нив, роуд шоуата се ефикасен начин на доближување на поволностите на една земја до потенцијалниот инвеститор и се првиот чекор за привлекување странски инвеститори.

На крајот од минатата година и почетокот на оваа, стратегијата за привлекување на странски инвеститори на Србија беше толку актуелна, што во рок од само еден месец, тогашниот премиер Ивица Дачиќ направи „турнеја“ со инвестициски форуми и лични средби во САД и Велика Британија, презентирајќи ја Србија како совршено место за инвестирање на Балканот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top