| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоров во мониторинг на Клиниката за офталмологија

todorov 2

Од денеска Министерството за здравство почнува со спроведување на шестиот кајзен мониторинг во Универзитетската клиника за офталмологија во Скопје, при што министерот за здравство Никола Тодоров придружуван од тим стручни соработници од кабинетот, почнувајќи од утре ќе вршат петдневен мониторинг на оваа ЈЗУ.

Во текот на овој период ќе се изврши целосно снимање на работата на клиниката, со особен фокус на спроведувањето на електронскиот систем за закажување МојТермин, со цел да се утврди дали прегледите се спроведуваат во рамки на закажаните термини, односно дали системот доследно се почитува од докторите и од пациентите. Посебен осврт ќе се стави и на функционирањето на системот за плаќање по учинок, односно проверка дали внесените податоци во системот соодветствуваат на реално пружените здравствени услуги.

Исто така, за време на мониторингот ќе се следи и спроведувањето на мерките и укажувањата во насока на исполнување на стандардите за акредитација на оваа здравствена установа, примената на протоколот за хоспитална култура, особено во делот на меѓусебна комуникација меѓу персоналот во клиниката и пациентите, како и примената на клиничките упатства, клинички патеки и протоколите за медицината базирана на докази.

По извршената анализа на состојбите во сите одделенија, ќе бидат изготвени мерки и заклучоци со конкретни акциски планови за имплементација на нови методи во оваа болница, во зависност од приоритетите и реалните состојби во оваа јавна здравствена установа.

За потсетување, оваа активност се базира на јапонската бизнис филозофија, што во суштина значи „промена на подобро“ и преку реално зближување на работниците и менаџментот во една институција се гради чувство на единство во целите и работењето и се постигнува подобрување на перформансите на институцијата во целина.

Во изминатиот период, работни посети во рамки на „Кајзен менаџмент“ беа реализирани во Клиничките болници во Штип, Битола,Тетово, во Општата болница во Велес и во струмичката Општа болница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top