Универзитетската клиника за офталмологија во Скопје од понеделник ќе биде под мониторинг на Министерот за здравство, Никола Тодоров, заедно со тројца негови стручни соработници од неговиот кабинет.
Како што соопшуваат од Кабинетот на министерот станува збор за продолжување на досегашната практика за спроведување на шестиот мониторинг од веќе потврдената практика за „Кајзен менаџмент“, односно престојување по една работна недела во јавна здравствена установа, со цел подобро запознавање со нејзиното функционирање и евентуално подобрување на нејзините перформанси.
„Ќе се врши целосно ’снимање’ на работата на клиниката, со особен фокус на спроведувањето на електронскиот систем за закажување ’Мој термин’, со цел да се утврди дали прегледите се спроведуваат во рамки на закажаните термини, односно дали системот доследно се почитува од докторите и од пациентите. Посебен осврт ќе се стави и на функционирањето на системот за плаќање по учинок, односно проверка дали внесените податоци во системот соодветствуваат на реално дадените здравствени услуги“, велат од кабинетот на министерот.
Од таму додаваат дека за време на мониторингот ќе се следи и спроведувањето на мерките и укажувањата во насока на исполнување на стандардите за акредитација на оваа здравствена установа, примената на протоколот за хоспитална култура, особено во делот на меѓусебна комуникација меѓу персоналот во клиниката и пациентите, како и примената на клиничките упатства, клинички патеки и протоколите за медицината базирана на докази.
„По извршената анализа на состојбите во сите одделенија, ќе бидат изготвени мерки и заклучоци со конкретни акциски планови за имплементација на нови методи во оваа болница, во зависност од приоритетите и реалните состојби во оваа јавна здравствена установа“, се вели во соопштението.
Во изминатиот период, работни посети во рамки на „Кајзен менаџмент“ беа реализирани во Клиничките болници во Штип, Битола,Тетово, во Општата болница во Велес и во струмичката Општа болница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.