Германија ја круниса одличната игра на фудбалскиот мундијал со четвртата светска титула и стана втората најуспешна нација со четири трофеи, заедно со Италија. Пред нив е само Бразил со пет титули, а сите Германци, предводен од Јоаким Лев, имаат многу причини за радост и за надеж дека во блиска иднина можат и да ги стигнат „кариоките“ на врвот, па дури и да ги престигнат според бројот на титули.
Популарниот „елф“, како што го нарекуваат германскиот национален тим, на импресивен начин го освои јубилејниот, 20. светски шампионат. Без пораз, со најмногу постигнати голови, вкупно 18. Лам, Клосе, Швајнштајнгер, Крос, Нојер и останатите германски репрезентативци успеаја да се искачат на тронот. Самоуверено, убедливо, ефикасно, ефектно и сосема заслужено, првпат европска репрезентација ѝ се радува на планетарната фудбалска круна на јужноамериканска почва.
Почетокот на успешната фудбалска приказна, која ги доведе до врвот во Бразил, се случи пред 12 години. Германија историски е една од најдобрите и најуспешни фудбалски нации со 16 четврт-финалиња во низа на мундијалите, со осум финалиња и со четири титули, но пресвртот во новиот милениум е благодарение на извонредниот план, вешто осмислената стратегија за развој на младинските категории и огромните инвестиции.
Фудбалски „Њу дил“ за германска доминација
Фудбалскиот „Њу дил“, пандан на маршаловиот план по Втората светска војна, пресликан во мини варијанта за германски услови, им донесе радост на сега веќе четирикратните светски прваци. Влогот од околу една милијарда евра во фудбалот со вешта стратегија за развој на младинските категории вроди со плод.
Во 2002 година Бразил ја победи Германија со 2-0 во финалето на СП на стадионот во Јокохама. „Елфот“, пак, остана без титула, а постот им здосади на Германците. Чаре најдоа во нова стратегија што чини скапо, но дава ефект.
Одлуката е донесена, влогот е една милијарда евра за развој на фудбалот. Секој клуб во Бундеслигата мора да има своја младинска академија, огромни средства се насочија кон изградба на тренинг-центри, игралишта, а многу важен фактор беше и неверојатно добрата организација и координација на проектот, што е типично за германската нација.
– Многу луѓе беа вклучени во целиот проект. Од Фудбалската федерација на Германија, потоа и од Бундеслигата, па сѐ до аматерските лиги. Организацијата беше беспрекорна. Работевме многу напорно и, што е најважно, бевме сплотени на патот кон целта. Светската титула од Бразил заслужено стигна на вистинската адреса – изјави Волфганг Нирсбах, претседател на Фудбалската федерација на Германија, веднаш по победата од 1-0 во финалето во Рио де Жанеиро против Аргентина.
Дека се на добар пат да успеат, Германците покажаа со освојувањето на првата европска титула за фудбалери до 21 година на шампионатот што се одржа во Шведска во 2009 година. Во финалето на убедлив начин ја декласираа Англија со 4-0 и првпат му се радуваа на трофејот на ЕП за играчи до 21 година. Од таа генерација играчи и тогаш и пет години подоцна како сениори на мундијалот во Бразил стандардни беа голманот Мануел Нојер, Месут Озил, Џером Боатенг, Сами Кедира, Бенедикт Хеведес и Матс Хумелс.
Половина од златните момчиња на германскиот фудбал што ја донесоа историската европска круна за играчи до 21 година царуваа и на терените во Бразил. Нојер ја заслужи наградата за најдобар голман на турнирот, Озил се врати во живот по бледите игри во Арсенал, Кедира одигра извонредно и си ја зголеми цената на фудбалскиот пазар, а Хеведес и Хумелс беа столбови на одбраната на „елфот“. Хумелс се најде и во идеалниот тим на шампионатот во Бразил. И, што е најинтересно, шесторката од Шведска и од Бразил остана без пораз и на двата шампионати, на кои освои две вредни фудбалски круни.
Од вишок таленти глава не боли
Покрај извонредните Нојер, Кедира, Озил, Боатенг, Хеведес и Хумелс, во германскиот фудбал во последните десетина години се појавија уште многу фудбалски таленти од калибарот на Геце, кој го донесе трофејот со победнички гол против Аргентина, потоа и Шурле, Ројс, Крос, Крамер, Роде, Шмелцер, Гроскројц и генерацијата пред нив предводена од сегашниот капитен Лам, потоа и Швајнштајгер, Милер…
Стратегијата беше да се намали бројот на скапи странски играчи, да се инвестира во домашниот фудбалски производ, а и да се доведат клубовите во ред, да нема лиценца за тие што се во долгови. Борусија Дортмунд е еден од примерите како од голем должник и клуб со огромно минусно салдо се станува успешен спортски колектив. Популарните „милионери“ трошеа безмилосно и се најдоа на работ на банкрот, а планот за спас успеа. Им беше наложено да ја развиваат сопствената младинска академија наместо да „фрлаат“ пари за скапи интернационалци и со продажба на свои играчи да ги анулираат долговите.
Моментно Борусија е еден од најдобрите европски клубови, средина во која израснаа извонредните Марко Ројс, Марио Геце, потоа и Хумелс, Гроскројц, Шмелцер, Лејтнер, се избруси и талентот на Левандовски, кој прерасна во извонреден шпиц во четиригодишниот циклус во Дортмунд, откако како 21-годишен играч стигна од Лех Познањ.
Инвестициите во младинскиот фудбал дадоа очигледни резултати, токму и преку примерот на „милионерите“, а уште еден феномен го потврди неверојатно успешниот план за развој на германскиот фудбал.
И повторно во фокусот е генерацијата од 2009 година. Во Малме, во финалето и на целиот шампионат во Шведска, забележителен настап имаа и Себастијан Бениш, Ашкан Дежага, Фабијан Џонсон и Анис Бен Хатира.
Овој квартет ги одигра грото натпревари на ЕП до 21 година за Германија и се радуваше на европската титула, а сега веќе не настапува за новиот светски сениорски шампион. Соочени со огромната конкуренција за место во националниот состав на Германија, тие одлучија да играат за други селекции.
Дежага го гледавме во Бразил во составот на Иран, Џонсон играше одлично за САД, Бениш одлучи да настапува за Полска, а Бен Хатира, не можејќи да се избори за позиција во сениорскиот состав на Германија, одлучи да го носи дресот на Тунис, земјата од која влече корени.
Германскиот расадник и огромната продукција на таленти ја направи пеколна конкуренцијата за место под сонцето и запис во тефтерот на Јоаким Лев, па во последно време има одлив на младински репрезентативци, како што тоа го стори златниот квартет од Шведска.
Сопствен камп за 25 милиони евра во Бразил
Германците имаат пари, економијата им е моќна и број еден во Европа, а дека се и вешти менаџери со неверојатен претприемачки дух и оригинални идеи покажаа уште еднаш преку фудбалот. Челниците на ДФБ одлучија да вложат 25 милиони евра и да изградат сопствен фудбалски камп, каде што ќе бидат сместени за време на Светското првенство во Бразил. Самите создадоа перфектни услови за тренинг, едноставно се вклопија во амбиентот, го почувствуваа бразилскиот начин на живот, а истовремено совршено се аклиматизираа на временските услови во таа земја. Кампот „Баија“ изграден во германска режија на бразилска почва им понуди извонредни услови на новите светски прваци.
– Во кампот се чувствувавме фантастично, имавме одлични услови за работа и, што е најважно, изградивме неверојатен тимски дух. Мислам дека тоа беше совршена одлука на селекторот и на луѓето од фудбалската федерација – изјави првиот стрелец на Германците во Бразил, Томас Милер.
Патем, Германците си донесоа 23 тони опрема и околу 900 луѓе од својата татковина, а ангажираа и Бразилци, кои најдобро умееја да им ја претстават својата земја, својата култура, сите навики, добри и лоши страни. Сето тоа придонесе за крајниот епилог, Германија да ја сошие четвртата мундијалска ѕвездичка.
По завршувањето на мундијалот, кампот ќе се користи како училиште за сиромашните деца во Бразил.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 98. број на неделникот „Република“, 18.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.