Мијалче Дургутов е долгогодишен новинар во Македонија и страствен вљубеник и познавач на фудбалската игра, а оствари редок подвиг со седмото присуство во низа на светските првенства. Иако сега не е активен во новинарството и работи како портпарол во Државниот завод за ревизија, авантурата што ја почна во 1990 година со пат за Италија СП, продолжи и во Бразил на штотуку завршениот јубилеен мундијал, а им закажува средба на најдобрите фудбалери на планетата и во Русија за четири години. Цели 24 лета е присутен на големите натпреварувања, а за „Република“ ги издвојува најинтересните моменти, средби, интервјуа и приказни од мундијалите на кои присуствувал.
Почетокот на авантурата е во Италија на СП 1990 година
Дургутов: Благодарение на Љупчо Николовски-Фуфо заминав на мундијалот во Италија во 1990 година. Тогаш почна мојата авантура. Малку е да се каже дека сум фудбалски вљубеник, тоа е благ збор. Јас сум болен за фудбал. Нема сила што ќе ме сопре да не заминам на Светско првенство. Ги откажувам сите аранжмани во тој период, а тоа веќе го знаат сите во моето семејство. Нема компромис за таа работа. Особено по 1990 година иако и претходно многу следев фудбал. Тоа ми е прво искуство, две седмици прекрасен фудбал. Се сеќавам на натпреварот меѓу Италија и Аргентина во полуфиналето, кој се играше во Неапол. Тогаш Марадона настапуваше за Наполи, но навивачите немаа разбирање и го исвиркуваа цел натпревар. Имаше стравотен притисок, но, сепак, победи Аргентина на пенали. Го следев и финалето во Рим кога Германија ја освои титулата со голот на Андреас Бреме.
Германија е нов светски првак, Бразил разочара
Дургутов: Немав можност да ги гледам новите светски шампиони во живо бидејќи така се наредија коцките и распоредот на натпреварите.
Германците апсолутно заслужено ја освоија титулата. Играа модерно, агресивно, дисциплинирано. Некако не ми беа омилени во минатото, секако, кога станува збор за фудбалот. Секогаш нè победуваа со некаков чуден пресврт и на репрезентативен и на клупски план. Се игра 90 минута и Аугенталер ќе ви даде гол, ќе стигнат и предност што личи дека е недостижна, не се предаваат, газат сè пред себе иако, навидум, се во безизлезна ситуација. И сега го имаа сето тоа, физички, како и секогаш, одиграа беспрекорно, но имаа и шарм во играта, нешто што не било нивна карактеристика во минатото. Индустрискиот фудбал го филуваа со убавина во играта и верувам дека никој што барем малку се разбира во најважната споредна работа на светот нема забелешки за начинот на кој ја освоија титулата. Кристално чисто и заслужено се закитија со четвртиот трофеј, прв за европска селекција на јужноамериканска почва.
Бразилците чувствуваа дека немаат состав за светската круна, барем така мислеа уште пред шампионатот и во текот на турнирот обичните луѓе со кои имав можност да разговарам. Бев во музејот во Сантос, а кустосот искрено ми одговори дека Бразил нема шанси да стигне до шестиот пехар. Слично говореа и останатите Бразилци.
Препознатлив лик во ФИФА и во УЕФА
Дургутов: Имам преку 20 акредитации за светски и за европски првенства, секако и за натпревари во Лигата на шампионите. Од 1994 година сум на листата на ФИФА за акредитации, кога првпат како новинар бев на мундијалот во САД. Оттогаш минаа 20 години, а јас сум редовен учесник на сите големи натпреварувања. И никогаш не сум ја злоупотребил довербата на ФИФА и на УЕФА, каде што веќе добро ме познаваат. Ирелевантно е во кој медиум работам. Ќе ви кажам еден пример за Светското првенство во Германија во 2006 година. За Македонија имаше резервирано 6 акредитации и сите веќе беа поделени по нашите медиумски куќи. Јас сум среќен кога и моите колеги можат да присуствуваат на големите фудбалски настани. Тогашниот портпарол на ФИФА, Андреас Херен, без проблем ми прати покана лично на мојата е-адреса и успеав да ја продолжам низата од присуство на големите натпреварувања. Не бев само на последното Европско првенство во Украина и Полска поради семејни причини.

Во што е спецификата на светските првенства?
Дургутов: Не се светските првенства тактиката на селекторите и дали играле Марадона, Меси, Пеле, Роналдо. Тоа е важно, но за мене не е пресудно. Репрезентациите играат 90 минути, 64 натпревари се на програмата и, секако, дека за тоа се игра мундијалот. Но, мошне важно, што им дава посебен шарм на ваквите големи натпреварувања е тоа што се случува надвор од терените, зад големата сцена. Примерот со Бразил, со магијата на Копакабана, со фавелите, со страста што ја имаат „кариоките“ за фудбал, е нешто што не може да се види преку телевизиските преноси. Таму застанува буквално сè кога се говори за фудбалот. Бев во едно кафуле и сосема случајно почнав разговор со човекот што беше на шанкот. Го прашував за фудбалот, за шансите на Бразил да ја освои шестата светска круна. И буквално престана да ги служи гостите, па со многу темперамент објаснуваше за значењето на фудбалот во оваа земја. Тоа е религија, нешто што не се објаснува со обични зборови. Ќе ви кажам и за навивачките на Јамајка кои ги засенија сите на Светското првенство во Франција во 1998 година. Беа толку голема атракција што ги фрлија во сенка сите останати фудбалски елементи. И, за жал, тоа не го видоа, на пример, симпатизерите на фудбалот во Македонија.
Нерешено, 7-7, со искусниот новинарски волк Атанас Костовски-Таско
Дургутов: Се гордеам што сум бил на 7 светски првенства и сега сме нерешено со еден наш препознатлив коментатор, каков што е Таско. Уште пред да заминам во Бразил бев возбуден на посебен начин. Тоа е земјата каде што фудбалот има посебно значење. Страста за оваа игра, легендарната „Маракана“, фудбалски икони како Пеле, Зико, Доктор Соктратес, Дунга, Роналдо и уште многу светски познати играчи потекнуваат оттаму, од колевката на фудбалот. Поранешна Југославија, чиј дел беше и Македонија, на посебен начин е поврзана со Бразил, а јас, сепак, сум растел во тој период. Нашиот познат играч Методија Спасовски има играно на легендарната „Маракана“ пред стотици илјади гледачи, Пеле се прости од фудбалот на натпревар против Југославија. Сето тоа како дете го доживував на посебен начин, се восхитував, и сега имав шанса да бидам таму. Во земјата што ја обожувам заради фудбалот. И презадоволен сум што ми се оствари сонот да следам мундијал во Бразил.
Карактерите на големите играчи и легендарни селектори
Дургутов: Од тие што сум имал контакт, најнезгоден карактер има Луи ван Гал, актуелниот селектор на Холандија. Пред финалето во Лигата на шампионите меѓу Баерн и Интер во 2010 година во Мадрид, на прес-конференција на обично прашање ми одговори: „Ако знаете подобро од мене да ја водите екипата, дојдете да се смениме“.
За разлика од него, Жозе Мурињо беше многу трпелив. Го прашав за Горан Пандев, дали ќе игра од почеток. Ме праша зошто го прашувам за Горан. Му реков само дека сум Македонец, а тој со насмевка ми одговори дека многу го цени Гоче и дека има еднакви шанси со конкурентите за да стартува од почеток во финалето на Лигата на шампионите.
Карло Анчелоти е душа човек. Има трпение за цел свет. Да има 100 новинари, ќе ги почека сите прашања и на сите ќе им одговори. Голем човек и одличен стратег.
Со Пеле не сум имал можност да правам интервју лице в лице, но бев дел од групата од четворица новинари на кои им одговараше на прашања. Му направив ексклузивно интервју на сер Боби Чарлтон, потоа имав средба со Џанлука Виали, со Фабио Капело, а извонреден впечаток ми остави поранешниот селектор на Италија, Енцо Беарцот, во разговорот што го имавме во 1996 година. Господин човек, креатор на титулата на „аѕурите“ во 1982 година. Вујадин Бошков го ценев многу, но, за жал, и тој и Берацот починаа.
Морам да го издвојам Христо Стоичков. Случајно во 1994 година се погодивме во ист авион на лет од Њујорк за Софија со бугарската фудбалска експедиција што го освои четвртото место на мундијалот во САД. Го познавав од претходно, а тој беше вистински шеф во репрезентацијата. Кога ме виде, знаеше дека ќе сакам интервју со него. Јас бев првиот на кого му даде изјава. Го избрка соиграчот што седеше до него само за да си поприкаже со мене. Јас почнав рафално, а тој ми рече: „Аман бе полека имаме време да разговараме, летот трае десет часа“. Ми рече да напишам слободно дека „Златната топка“ ќе биде негова. И навистина истата година ја доби најзначајната поединечна награда во фудбалот.
Македонија на големо натпреварување
Дургутов: Тврдам дека можеме да се пласираме на Европско или на Светско првенство. Во голема заблуда се сите што го негираат фудбалскиот квалитет. Имаме добри играчи и талентирани момчиња, но проблемот е во организацијата и во отсуството на план. Немаме речиси никаква стратегија што сакаме и во кој правец да се движиме. Можеби сега полека се менуваат работите. Мој впечаток е дека сè уште не почнала вистинската реорганизација и во клубовите и во федерацијата. Имаме фудбалски експерти, кадар, квалитет само треба да се постават луѓето и работите на вистинското место.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 97. број на неделникот „Република“, 11.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


