Гевгелија живее за кошарката, а новата сала што се гради по сите европски теркови ќе овозможи уште подобри услови за прволигашот Кожув во битката за добар пласман во македонската Прва лига, но и на европската сцена. Амбициите се високи, а кошаркарите на Кожув се при самиот врв на домашната сцена. Особено добри резултати се бележат во последните две сезони кога играа во финалето за титулата против МЗТ Скопје, а потоа стигнаа и до плејоф полуфиналните дуели во сезоната што заврши неодамна.
Новата модерна сала, која е сопственост на текстилниот гигант „Ноел“, ќе овозможи уште подобри услови на патот кон целта. Гевгеличани ја сакаат кошарката, а еден човек е во фокусот, претседателот на Кожув, Томе Главчев.
Сопственикот на текстилната фабрика „Ноел“ е вистински вљубеник во спортот, особено во кошарката, и го финансира Кожув повеќе од 15 години. Неговата иницијатива да се изгради модерен комплекс за тренирање, што може да биде вистинска спортска мека на југот од Македонија, е при крај. Во Гевгелија привршува изградбата на најмодерниот спортски комплекс со сала за кошарка. Очекувањата се дека до стартот на новата сезона ќе биде пуштен во употреба прекрасниот објект по сите стандарди на ФИБА, облагороден со надворешни игралишта за кошарка и за фудбал, како и трим-патеки.
– Јас ја сакам кошарката и се радувам кога во Гевгелија ќе видам полни трибини. Насмевките на луѓето и нивното задоволство по натпреварите на Кожув ме исполнуваат и ми даваат енергија да вложувам во спортот. Со новиот комплекс ќе ја заокружиме понудата што ќе биде комплетна, на високо ниво за подготовки. Местоположбата и климата во Гевгелија ни овозможуваат одлични услови за спортски туризам во поголем дел од годината. Кошаркарите на Кожув во сите категории ќе имаат одлични услови за тренинг, а во салата има услови и за одржување натпревари – вели првиот човек на Кожув.
Зелената сала гордост на гевгеличани
Само ситни детали остануваат за да се заврши изградбата на најмодерната сала во Македонија за кошарка, која е направена по строгите правила на ФИБА. Со дополнителните елементи, како што се надворешните игралишта за кошарка и за фудбал, комбинирани со трим-патеки, комплексот изгледа прекрасно.
– Останува да се завршат уште неколку елементи за да се заокружи целиот комплекс. Ќе поставиме панели на покривот на салата од каде што ќе се снабдува со сончева енергија. Салата ќе биде зелена. Енергетски зависна само од сончевата енергија, што значи дека греењето и ладењето нема да чинат ништо. Веќе изградивме надворешно кошаркарско игралиште, а ќе има и фудбалски терен и трим-патеки. Гевгелија е топла средина, локацијата е во близина на Негорски Бањи, што ни дава можност за комплетен спортски туризам. Очекуваме екипи и репрезентации да доаѓаат на подготовки во Гевгелија. Секако, салата и целиот комплекс што е комплетно наша инвестиција, пред сè, ќе бидат наменети за кошаркарите на Кожув. И за првиот тим и за помладите категории, кои ќе ги имаат сите услови за тренинг – вели Главчев.
Стратегија на дело, од стара слава не се живее
Од стара слава не се живее, вели старата народна поговорка, а токму со тие зборови Главчев ја објаснува состојбата во македонската кошарка. Како и сите македонски навивачи, посакува нашата репрезентација на претстојните квалификации да избори пласман на ЕП 2015. Но, без влакно на јазикот предупредува дека состојбата не е розова. И додава дека нема никакви амбиции да биде претседател на Кошаркарската федерација на Македонија.
– Непотребно и некоректно ме прозваа тие што не си ја сработиле работата. И јавно велам дека немам амбиции да правам некаков пуч во КФМ, ниту, пак, да бидам претседател на федерацијата. За жал, немаме стратегија, а најлесно е да се обвинат клубовите. КФМ буквално ја укина репрезентацијата до 20 години и за такво нешто секогаш ќе реагирам. Јавно и гласно. Сакаме квалитетна Прва лига, целосна реорганизација во понизок ранг и добро организирана Втора лига, која би била финансирана од спонзори. Патни трошоци и судии на товар на спонзорите, организирање летна лига за млади кошаркари до 22 години, враќање на репрезентацијата до 20 години. Знам дека трошоците се големи, но луѓето од КФМ мора да најдат модел. Тоа е нивна работа и затоа се дојдени на тие позиции. Мора да им се овозможат услови и пријателски натпревари на талентите на репрезентативно ниво. Секаде во регионов имаме сениорска лига и развојна лига во која играат кошаркарските надежи. За жал, немавме успеси и со сениорската репрезентација и во Венецуела и во Словенија. Не треба да се премолчуваат работите бидејќи имаме квалитет за поголеми успеси во кошарката. Како што се израдувавме на успехот во Литванија, така треба да се замислиме зошто не успеавме да се пласираме на Олимписките игри во Лондон и зошто потфрливме на ЕП во Словенија – заврши Главчев.
Новата сала ќе ги има сите услови и за одржување натпревари, а комплексот е прекрасен. Ги има сите услови, некои дури ги немаат ниту кошаркарските домови на многу наши прволигаши. Паркетот е модерен, внатре има и семафори, комоцијата во гардеробите е одлична, а има место и за внатрешна сала за фитнес, чија изградба е при крај.
– Ние сме подготвени да ѝ понудиме на македонската репрезентација бесплатно, на наш трошок, да се подготвува во Гевгелија. Салата постојано ќе им биде на располагање, а постои расположение и кај дел од сопствениците на хотели за да им го отстапат капацитетот за сместување на нашите кошаркари без никаков надомест. Успехот на македонската репрезентација ни е пред сè – вели Главчев.
Со повеќе од 20-годишен стаж во спортот во Македонија, како финансиер на клубови од Гевгелија, Главчев е добро запознаен со состојбите. Првите чекори се во ракометот, како спонзор на Партизан од Гевгелија, но кошарката, сепак, има посебно место.
– Секако дека е тешко да се води грижа за стотина спортисти на еден клуб, но инвестирањето во спортот има посебна магија. Во Кожув сум речиси 16 години. Имало и тешки моменти, но кога еднаш ќе станете дел од спортските случувања, нема враќање назад. Меракот е голем, знаете дека правите нешто добро, доблесно. Таков е случајот и со новата кошаркарска сала. Ја изградивме за да одиме напред, за да има подобри услови за кошарката во Гевгелија – раскажува Главчев.
Во исто време ново руво ќе има и градската сала во Гевгелија, каде што Кожув ги игра своите натпревари. Комплетно се реновира подлогата, ќе има нов паркет и нови кошеви.
– Мораме да ја освежиме и таа сала. Сакаме Кожув да понуди добри услови за одигрување на натпреварите од Првата лига. Гевгелија живее за кошарката и се надеваме дека уште долго ќе останеме на врвот на македонската кошарка – коментира првиот човек на Кожув.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 97. број на неделникот „Република“, 11.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ДЗСИ ги проверува картоните кај матичниот лекар и гинеколог на родилката од Гевгелија која почина на КАРИЛ
-
МЗТ симнат од тронот, Работнички е нов шампион на Македонија!
-
Tрагедија во Гевгелијa: Во сообраќајка загина 27-годишно момче, лекарите се борат за животот на сопатникот
-
Мекејлеб ја напушта Сарагоса: Причина е смртта на неговата мајка