Заврши протестот на Албанците кај Бит-пазар. Неколку стотици Албанци излегоа да го искажат револтот поради доживотните казни за осудените во случајот „Монструм“. Откако организаторот на протестот ги искажа барањата – одговорност од обвинителката и министерката за внатрешни работи, ослободување на осудените и нивно обесштетување, ослободување на приведените кои пред две недели направија хаос на Бит-пазар, групата демонстранти мирно се разотиде.

Албанските партии да бидат со својот народ, а не со оние што ги дискриминираат Албанците, апелираше претседавачот на координативното тело на протестите и воедно роднина на еден од доживотно осудените во судскиот процес „Монструм“, Бедри Ајдари.
– Ќе протестираме сѐ додека не ги ослободат од затвор. Бараме само независно судство и правда. Ова го сметаме за парламент на улица – порача Ајдари.

Исто така, тој побара Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет да ги посетат во притвор приведените од претходните протести, кои, како што вели, биле во тешка здравствена состојба.
На денешните протести се приклучија Зијадин Села, Хисни Шаќири, Мерсел Биљали и Рамадан Рамадани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


