Извор | Зеро Хеџ
Неодамна се зборуваше за потребата на Русија да најде алтернативна траса за својот гас, којa во целост би ја заобиколила Украина и која, според поставената сегашна рамка на „Јужен тек“, минува низ Црно Море и влегува во Бугарија, пред да премине преку Србија и Унгарија на патот кон централно-европското енергетско средиште во Баумгартен, Австрија. Се споменуваше дека само еден месец откако Путин го „пронајде“ Светиот Грал со склучувањето на договорот со Пекинг, тој не само што го формализирал покорувањето на енергетските потреби на Европа со уште еден гасовод што ја заобиколува Украина (од разни причини, но најмногу поради „планот Б“), туку постигнал и огромна политичка победа со создавањето пукнатина во срцето на еврозоната откако Австрија отворено ѝ се спротивстави на политиката на ЕУ и застана на страната на Путин.
Сега веќе точно знаеме што е планот Б.
– Рускиот гасен гигант „Газпром“ не ја исклучува можноста дека транзитот на гас преку Украина може целосно да секне – јавува „Итар-Тас“ цитирајќи го извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер.
– Тоа што веќе еднаш се случи е намерно, ништо не се случува туку-така. Во 2009 година набавката на гас целосно прекина – ги знаеме последиците. Тоа, очигледно, е лоша вест за Украина: „Газпром“ не е заинтересиран за учество во украинскиот систем за пренос на гас (ГТС), „отиде возот“ – изјави извршниот директор Милер.
– Тој воз отиде. Најверојатно, вчера. Не припаѓа никому. ГТС нема сопственик. Украинскиот ГТС ниту му припаѓа на „Нафтогаз“ ниту на украинската влада. Пред да се дискутира со некого модернизација и соработка, ГТС треба да се најде на билансот на состојба на некој стопански субјект. Сопственоста и правните прашања мора да бидат решени пред сè друго – додава Милер.
Всушност, земјата што е растргната од граѓанска војна би можела наскоро да го загуби приматот на столб за природен гас кој го уживаше и кај Европа и кај Русија, што значи дека постои можност Украина наскоро да биде напуштена од своите западни сојузници, кои веќе би немале никаква корист од неа.

Првиот човек на „Газпром“ додаде дека низа украински закони треба се променат за да може да се стори нешто со ГТС.
Потврдувајќи дека приматот на Украина е загубен, извршниот директор на „Газпром“ изјави дека веќе не постои предмет на разговори со Украина. Таа мора да ги плати своите долгови.
– Цената на гасот за Украина е фер – таа е зацртана со договор. Украинската државна компанија за нафта и гас, „Нафтогаз Украини“, не побарала промени во договорот за транзит со Русија – рече Алексеј Милер додавајќи дека таквите барања би биле лоша вест.
Сега барем знаеме како би изгледал крајниот резултат на Украина: штом Русија целосно го пресече транзитот на гас преку Украина, таа ќе ја загуби стратегиската важност и за Русија и за Европа, која сè уште зависи од рускиот гас, но Европа ќе го насочи вниманието кон земјите низ кои поминува „Јужен тек“.
Што се однесува, пак, до земјите низ кои поминува „Јужен тек“, растат шпекулациите дека токму најсиромашната земја-членка на ЕУ – Бугарија – штотуку поминала низ најлошата банкарска криза во последните 17 години и подготвила терен за предвремени избори токму од таа причина: да обезбеди влада за Европа која ќе биде понаклонета кон интересите на Брисел наместо кон сегашниот социјалистички режим, за кој се знае дека му е верен на Кремљ.
Сепак, сега кога веќе Украина не е актуелна вест, треба да се забележи како Европа се однесува кон земјите од „Јужен тек“, почнувајќи од Бугарија, па Србија, Унгарија и, секако, Австрија.
Значајна е најавата на извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер, дека има добри можности и дека „Газпром“ е заинтересиран да купи дел од гасната оска „Баумгартен“.
– Разговорите што претходно ги водевме за „Јужен тек“ беа катализатор за продолжување на разговорите за наше учество во гасната оска. Заинтересирани сме и мислам дека може да зборуваме и за конкретен дел од учеството – јави „Блумберг“ цитирајќи го Милер.
Рускиот производител и извозник со ОМВ го дискутираше уделот во тргувањето со гас од Баумгартен. Милер додаде дека изградбата на делот од Јужен тек кон Европа тече според планот, а првите испораки до Бугарија, Србија и до Турција ќе достигнат капацитет до 63 милијарди кубни метри до 2017 година.
Со други зборови, додека Европа и САД сè уште се сосредоточени на Украина, моментално најзначајното место за европската енергетска иднина е Австрија – земја во која „Газпром“, и секако Путин, тивко го сее семето на руска енергетска доминација. Што се однесува, пак, до земјите-помагачи, особено Бугарија, може да се забележи дека „странските служби“ на САД прават сè што можат за да ги дестабилизираат локалната влада и финансискиот систем, во очаен обид да го грабнат асот од рацете на Русија. Тешко дека Путин лесно ќе се откаже од него.
(Текст објавен во 97. број на неделникот „Република“, 11.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонија ќе учествува на детски фудбалски фестивал во пресрет на Светското првенство во Русија
-
Филмска потера во Шпанија – Барселона е следна цел на терористички напад?
-
Европа окована во мраз, Русите ќе помагаат со зголемување на испораките на гас
-
Куманово се гуши со 10 пати поголема загаденост од дозволеното, гасификацијата на Заев е лага


