| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: Подготвени сме за сите предизвици

Криминалот е криминал и не може да има никаков етнички предзнак. Убијците се убијци без разлика на која етничка заедница ѝ припаѓаат. Бескрупулозната ликвидација на момчињата не може и не смее да се гледа низ етничка призма. Со монструмите што го извршиле тој чин мора да се расчисти во полза на сите граѓани на оваа земја

По минатонеделните насилства на Бит-пазар, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, уверува дека полицајците имаат искуство за справување со такви ситуации и дека се подготвени да му овозможат на судот да не се чувствува директно загрозен. Јанкуловска ветува дека сите хулигани ќе бидат изведени пред лицето на правдата и објаснува дека цел на полициските служби се исклучително насилниците кои напаѓаа полицајци и новинарски екипи. Таа вели дека се трага и по вандалите што нападнаа новинарски екипи. Министерката истовремено апелира до граѓаните да не дозволат да бидат заведени со некакви сценарија за предизвикување верски инциденти.

 

Во петочните протести во Скопје, но и во протестите во Тетово, беа повредени повеќе од 20 полицајци. Демонстрантите беа прилично агресивни, но сите што го набљудуваа протестот имаа впечаток дека полицијата се воздржува од поенергична акција. Тактизираше ли МВР при разбивањето на демонстрантите за да не испровоцира уште поголеми нереди и жртви?
Јанкулоска: Не би сакала да ги коментирам впечатоците бидејќи секој ги гледа работите од своја перспектива и не ги поседува секој сите релевантни информации за целокупната состојба. Министерството мора да ги има сите информации, да ги направи сите анализи и дури потоа, врз основа на аргументите, професионалците да донесат одлука како треба да се постапува натаму. Факт е дека за случувањата во петокот имаше и спротивни коментари, во кои полицијата беше обвинувана за прекумерна употреба на сила. Некои новинари, во одбрана на насилниците, одеа дотаму што демолирањето на судот и повредувањето на полицајците го споредуваа со Ѓорче Петров, напаѓајќи нѐ за преголема бруталност. Можам само да кажам дека и во Ѓорче Петров и сега одговоривме професионално и пропорционално на заканите. Полицијата има сила, капацитет и обученост за да се справи и со многу поголеми нарушувања и со многу посериозни ситуации. Наша примарна цел беше да ги воспоставиме јавниот ред и мир, и успеавме во тоа. Секундарна цел ни беше санкционирање на агресивните вандали и хулигани кои демолираа во центарот на градот. Досега се идентификувани 34 лица, а шестмина завршија во притвор. Продолжуваме со идентификација и на останатите. Сите тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Повиците за протестите беа анонимни, преку социјалните мрежи, ненајавени во полицијата, а групите, очигледно, беа многу добро организирани и подготвени за судир со полицијата. Имате ли информации кој стои зад протестите? Имате ли сознанија дека странски служби или организации се дел од настаните поврзани со случајот „Монструм“? Начинот на организација покажува дека не се спонтани и случајни, туку како да се диригирани од еден центар.
Јанкулоска: Оперативните сознанија или информации се едно, а поседувањето докази за кривично-правен прогон е сосема друга работа. Ја следиме состојбата и подготвени сме да реагираме соодветно во секој момент. Правото на јавен собир во Република Македонија е уставно загарантирано право. Нам може да не ни се допаѓа и законската одредба која не наложува дека собирот мора да се пријави, но мора да ја почитуваме. Колку и да беше ирационален поводот за протестите, јас не би сакала да ги поистоветам сите учесници. Меѓу лицата имаше и граѓани што не предизвикуваа инциденти. Наша цел се насилниците што напаѓаа и полицајци и новинарски екипи. Многумина од нив ѝ се познати на полицијата и очекувам дека ќе признаат пред судот дали учествувале во организирањето на насилствата или биле принудени и доведени во заблуда, односно ќе посочат кој ги организирал. Поголем дел од најнасилните беа млади луѓе што и порано имале проблем со законот. Јасно е дека тие немаат доволно познавање ниту во правото ниту во функционирањето на системот. Уште појасно е дека ниту имале ниту ги интересира увид во материјалните докази од случајот „Монструм“. Дали тие беа изманипулирани од некои медиуми или настапуваа по нечија наредба ќе се види набргу.

Со оглед на тоа дека демонстрантите извикуваа пароли што немаат врска со случајот „Монструм“, но имаат верска содржина, и вееја исламистички знамиња, можно ли е сето тоа да е увертира во некои посериозни инциденти од верски карактер?
Јанкулоска: Таквото однесување е јасен сигнал дека некој се обидува да го злоупотреби монструозното убиство на петте момчиња во сопствени цели. За мене лично и за мнозинството граѓани во Република Македонија, па и за најголемиот дел од меѓународната јавност, криминалот е криминал и не може да има никаков етнички предзнак. Убијците се убијци без разлика на која етничка заедница ѝ припаѓаат. Бескрупулозната ликвидација на момчињата не може и не смее да се гледа низ етничка призма. Со монструмите што го извршиле тој чин мора да се расчисти во полза на сите граѓани на земјава. За жал, не е првпат кај нас да се злоупотребуваат одредени теми и прашања во насока на разгорување на меѓуетничките односи, но ние сме подготвени за да обезбедиме владеење на законот. Апелираме до граѓаните да не дозволат да бидат заведени во некакви сценарија и предизвикување верски инциденти. Ним тоа сигурно нема да им донесе ништо добро.

Колку е тешко за органите на редот да се справат со ваков начин на насилство, кој е прикриен зад наводно незадоволство од судска пресуда?
Јанкулоска: Не е првпат да сме сведоци на непочитување на судот и на судските одлуки. Тоа можевме да го видиме и кога беше актуелен случајот „Тенковски делови“. Истото можевме да го видиме и кога беше актуелен случајот „Глобал“. Дури и политичари ги омаловажуваа судиите и ја туркаа полицијата пред судот обидувајќи се да делат своја правда. Слична беше практиката и во случајот „Претседавач“, а не изостанаа протести и реакции и во однос на расчистувањето на разоткривањето на заштитениот сведок во случајот „Ореше“. Не сакам да кажам дека насилните протести за „Монструм“ се поврзани, но не треба да замижиме пред фактот дека еднаш воспоставената практика, тешко се искоренува. Уште тогаш предупредувавме какви несакани последици може да има политизирањето на криминалот и на судските одлуки. Судот мора да остане независен и да одолее на какви било притисоци. Во минатото сме се соочиле со обиди на улица да се издејствува некаква пресуда. Имаме искуство и подготвени сме да му овозможиме на судот да работи во атмосфера во која нема да се чувствува директно загрозен.

Gordana-Jankulovska-03

Кому му одговара влошување на меѓуетничките односи во земјата? Надворешни радикални организации или домашни структури? Или, пак, можеби и двете?
Јанкулоска: Јас би рекла дека влошувањето на меѓуетничките односи му одговара на секој што не ѝ мисли добро на Република Македонија и на нејзината иднина како земја-членка на Европската унија и на НАТО. Такви структури има и во земјава и надвор од неа. Некои тргнуваат од краткорочни, лукративни или политички мотиви, а други се водат од долгорочни стратегии, чија основна цел е негирање на државата. Ние не треба да се концентрираме на нив. Треба да се концентрираме на нашите напори да не дадеме можност тие структури да гледаат плодна почва. Токму затоа натамошното унапредување на меѓуетничките односи беше ставено како еден од приоритетите во новата програма за работа на Владата.

Неодамна радикалната исламистичка група ИСИЛ се закани со напади и врз земјите од Балканот, меѓу кои и Македонија. Предупредувања дека овие структури стануваат сѐ поопасни во регионов испратија и повеќе домашни и странски експерти.
Јанкулоска: Република Македонија е дел од глобалната коалиција за борба против тероризмот. Соработуваме со нашите партнери и ги споделуваме сите ризици кои произлегуваат од заедничкото дејствување. Практично и нема земја во Европа што не беше цел на терористички напад. Почнувајќи од Британија, Шпанија, Франција, па сѐ до Русија. Нема некој што не го видел грдото и опасно лице на тероризмот. Со тероризмот сме имале искуства и ние како држава. Акциите „Планинска бура“ и „Монструм“ беа преземени токму за откривање и за санкционирање лица осомничени за тероризам.

Имате ли информации колкумина од македонските граѓани што се бореле во Сирија и во Ирак се вратени во земјава, а колкумина сѐ уште се таму. Колкава е опасноста од нив кога ќе се вратат назад?
Јанкулоска: Податоците што ги имаме не се официјални бидејќи лицата што размислуваат или одлучуваат да заминат таму не го пријавуваат тоа. Располагаме единствено со оперативни сознанија и информации до кои доаѓаме ние или пријателските служби. Минатите години имавме случаи кога македонски државјани заминуваа на боиштата, но, според нашите сознанија, тоа, главно, беа лица што се иселеници од земјава, регрутирани во поголемите центри низ Европа. Последниот период ситуацијата се измени, односно македонските државјани се регрутираат во центри во регионот, што говори за сериозноста и за распространетоста на таа појава. Доколку се земат предвид сите трауми што ги остава војната, радикалната индоктринација и проблемите за враќање во нормалниот живот, не треба многу за да се заклучи дека секое лице што се вратило од боиште претставува потенцијална закана за безбедноста. Затоа е во процедура изготвување закон со кој би се санкционирало учеството на македонски државјани во такви конфликти.

Роднините на осудените се незадоволни од пресудата, а роднините на убиените момчиња, пак, бараат откривање и на нарачателите на грозоморниот чин. Може ли да се очекува целосно расчистување на случајот и дали се издржани нивните сомневања дека зад масакрот стојат и други личности. Слушнавме шпекулации дека и актуелни политичари биле дел од целата работа?
Јанкулоска: Од полициски аспект можам да кажам дека станува збор за еден од најтешките случаи. Моравме да ги ангажираме сите капацитети со кои располагавме и, како што знаете, по еден месец интензивно, деноноќно работење на илјадници професионалци во Министерството, почнувајќи од оперативците, па сѐ до крим-техничарите, успеавме да го завршиме случајот. Од полициски аспект, тој е целосно расчистен. Ги најдовме осомничените, обезбедивме докази и ги доставивме до надлежниот јавен обвинител. Натаму постапката ја презеде судот. Не би сакала да коментирам и да навлегувам во туѓи ставови, особено ако нема соодветна аргументација.

Gordana-Jankulovska-10

Новинар од албански медиум се пожали дека бил приведен и тепан од полицијата без причина. На претходните протести ниту еден новинар немаше проблем со полицијата при извршувањето на задачите иако често беа и во првите полициски редови пред демонстрантите, во таканаречените опасни зони. Зошто беше приведен тој новинар, кој тврди дека бил 200 метри далеку од инцидентите?
Јанкулоска: За лицето веќе информиравме дека Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, веднаш по објавените обвинувања во јавните гласила од негова страна за наводно физичко и психичко малтретирање во полициска постапка, ги презеде сите мерки и активности за истражување на случајот и покрај фактот што тој, од причини кои нему му се познати, не ги пријави наводите во согласност со процедурата, туку единствено ги изнесе на некои медиуми. Заради проверка на наводите, извршен е увид во целокупните службени материјали, при што е утврдено дека тој бил лишен од слобода поради основано сомнение дека ги нарушил јавниот ред и мир со учество во толпа. При приведувањето е употребена физичка сила за што е подготвен извештај за употреба на средства за присилба или огнено оружје. Лицето немало никаква новинарска легитимација, ниту какво било обележје дека работи во некој медиум. По приведувањето, тој бил предаден во ПС ОН Кисела Вода. Од страна на одговорниот е подготвен записник за задржување лице и му биле овозможени сите права. Записникот уредно е потпишан и од лицето што ги изнесува обвинувањата во медиумите. Во записникот не е наведена никаква забелешка од негова страна, а разговорот со него е воден во присуство на адвокат. Исто така, лицето ги потпишало и записниците за привремено одземени и вратени предмети. Меѓу нив биле ремен, часовник, очила за сонце и два мобилни телефона. За време на задржувањето и преземањето мерки за расчистување на настанот биле присутни тројца јавни обвинители кои давале насоки за постапување на инспекторите од Одделението за насилен криминал. По документирање на настанот, за него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство и тој е предаден на судијата во претходна постапка. Затоа СВКПС процени дека е неосновано известувањето што е пуштено во јавните медиуми. На лицето му се овозможени сите права на задржано лице и над него не е употребена прекумерна физичка сила или средства за присилба.

За време на петочниот протест непознати лица фрлија солзавец кон група новинари, а снимател беше физички нападнат од учесник во протестите. Има ли полицијата информации за тие лица?
Јанкулоска: Имаме информации дека повеќе новинарски екипи биле нападнати од демонстрантите во петокот. За жал, само неколкумина одлучија да поднесат пријава, а Здружението на новинарите не се изјасни со осуда против насилниците. Напротив, излезе со обвинувања против полицијата за приведување лице што немало никакво обележје ниту легитимација и учествувало во толпата. Без разлика на тоа, овие вандали се предмет на наша обработка. Ќе продолжиме да работиме сѐ додека не ги изведеме пред лицето на правдата и ќе сториме сѐ што е во наша моќ за да ги заштитиме медиумите.

Дел од албанската заедница ѝ забележува на полицијата дека применува поголема сила кога протестираат Албанци, додека, пак, Македонците го тврдат обратното. Постои ли селективен пристап на полицијата при дејствување кон хулигански групи?
Јанкулоска: Министерството за внатрешни работи постапува професионално и неселективно. За тоа доволно говори фактот што меѓу повредените полициски службеници имаме огромен број припадници на етничките заедници. Ние никогаш не сме ги делеле по ниедна основа ниту полициските службеници ниту граѓаните. Така и ќе продолжиме да работиме. За жал, некому му одговара да ги прави тие поделби и редовно ја гледаме таа појава во одредени медиуми.

Во инцидентите во Тетово групата што сакаше да го нападне штабот на ДУИ беше спречена од полицајци, од кои најголем дел беа Албанци, и тие си ја завршија работата професионално. Постојат ли закани за тие луѓе и за останатите припадници на полицијата што се справуваат со такви инциденти?
Јанкулоска: Полициската работа сама по себе подразбира огромен ризик. Изминатите години бевме сведоци на многубројни инциденти во кои беа повредени полициски службеници. Знам дека не им е лесно, но станува збор за професионалци што знаат да се носат со сите ризици. Тие се определиле за таа работа, одлучиле да бидат сервис на граѓаните и убедена сум дека нема да потклекнат на никакви притисоци и закани. Можам само да кажам дека најостро ќе се спротивставиме на сите такви обиди и очекуваме поддршка и од вас како медиуми и од целокупната јавност во справувањето со тие што мислат дека се над законот.

Каква е безбедносната слика во земјава? Американската и британската амбасада предупредуваат дека во земјава, најверојатно, нема да се случат терористички акции, но, сепак, се можни, што звучи прилично страшно особено кога доаѓа од официјален Вашингтон и од Лондон?
Јанкулоска: Веднаш по објавената туристичка препорака, стапивме во контакт со меѓународните претставници во земјава. Ни беше укажано дека станува збор за редовен извештај кој е обврска на нивните министерства за надворешни работи, кој не се разликува од извештаите подготвени за која било друга земја на европско тло. Ќе повторам дека Република Македонија е дел од глобалната мрежа за борба против тероризмот и како таква не може да биде изоставена од потенцијалните ризици и закани. Континуирано соработуваме со блиските служби од регионот и пошироко, и според нашите информации во моментов не постои посериозен ризик за општата безбедносна состојба. Во секој случај, ние сме подготвени да реагираме соодветно. Се наоѓаме во специфично подрачје и секогаш мораме да бидеме будни.

Повторно зачестија физичките напади во автобусите на ЈСП. Има ли начин да се контролираат насилниците во стотината линии од градскиот сообраќај кои покриваат илјадници автобуски станици?
Јанкулоска: Не би се согласила со вашата констатација. Според податоците со кои располагаме, последниов период таквите инциденти се во намалување. Тоа не значи дека податокот треба да го земеме здраво за готово, туку значи дека треба да продолжиме уште поинтензивно со реализација на превентивните проекти што ги почнавме, а кои имаат цел промоција на меѓуетничкиот соживот, зголемување на довербата во полицијата и, пред сѐ, мирно решавање на конфликтните ситуации.

Вообичаено, дел од политичарите се ситат на ситуација која е штетна за сите. Како го коментирате однесувањето на дел од партиите што се обидуваат од нередите да ќарат политички поени за себе?
Јанкулоска: Таквото однесување за мене е знак на немоќ и недостиг од идеи и визии кои би ги промовирале во јавноста и со кои би ја побарале и добиле поддршката од граѓаните. Тоа, можеби, и дава некаков резултат на краток рок, но долгорочно на политичките субјекти им се враќа како бумеранг. Далеку зад нас е 2001 година. Изминатите осум години граѓаните покажаа дека знаат да препознаат програма и платформа. Граѓаните покажаа дека веќе не гласаат против, туку очекуваат предлози и го даваат својот глас за проекти. Јас лично секогаш се спротивставувам на таквиот начин на работење, пред сѐ поради штетата што ја трпиме сите, целата држава. Не може и не смее нечиј личен или партиски интерес да биде пред интересот на државата и на граѓаните што живеат во неа.

Лидерот на ДУИ, само три месеци откако ја доби најголемата доверба од електоратот, се соочува со најголемата криза откако стана политичар. Можно ли е неговото барање за меѓународен надзор и за враќање на првостепениот суд да промени нешто во процесот „Монструм“? Можна ли е толкава субјективност или грешки во постапката? Досега не слушнавме никаков правен аргумент од бранителите на осудените.
Јанкулоска: Република Македонија е суверена, модерна, демократска држава. Држава што ги исполнува највисоките стандарди и во која важи поделбата на извршна, законодавна и судска власт. Јас имам целосна доверба во судовите и убедена сум дека на крај ќе победи правдата. Мора да се почитува судската постапка. Во неа се предвидени и жалби и правни лекови. Нашите судии се професионални и добро обучени и сигурна сум дека судат во согласност со доказите и сопствените убедувања. Целиот судски процес и досега беше под надзор во согласност со нашите закони и немаше никаква забелешка на процедурата. Јас не би си дозволила да ја коментирам работата на судовите, но очекувам дека откако ќе биде напишана пресудата, наместо по улици, засегнатите страни да ги изложат своите забелешки во судница и да остават надлежниот суд мериторно да одлучи.

 

Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Игор Ангеловски
(Интервјуто со министерката Гордана Јанкулоска е објавено во 97. број на неделникот Република, 11.07.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top