Mасовното присуство на трибините е потврда дека граѓаните се заинтересирани за реалниот живот, а не за она што некој го говори и се обидува да го прикаже, изјави вчера министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на трибината на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка.
– Трет месец сме соочени со пласирани информации од Зоран Заев и мислење дека народот ќе поверува во она што се говори во сечените, лепени, монтирани, креирани материјали. Наспроти тоа, ние водиме позитивна политика, настојувајќи да дадеме одговор на она што го бара народот – да ги решиме неговите проблеми – изјави Јанкулоска.
Според Јанкулоска, стилот на работа на владејачката партија е тимски во интерес на граѓаните, за разлика од Заев кој не е свесен дека е само инструмент на странски служби за остварување туѓи интереси.
– Очигледно е дека целта на Заев не е само да изгради погрешна виртуелна реалност за Владата и функционерите. Зоран Заев е вовлечен во едно сценарио за кое можеби и самиот не е свесен. Тој е директно инволвиран во спроведување на сценариото за дестабилизација на државата. Станува се појасно дека Заев како инструмент на странските служби е доведен во ситуација да одработува туѓа агенда, а таа агенда очигледно подразбира создавање на раздор, недоверба, страв, провокации во кои Македонците ќе се спротивстават на други Македонци, ќе настане конфликт помеѓу сите луѓе кои живеат во оваа доверба, каде што секој ќе се плаши од секого, ете во таква ситуација која ја посакува Заев, а уште повеќе неговите наредбодаватели лесно е да се манипулира – потенцираше Јанкулоска.
Јанкулоска смета дека најжестокиот удар на опозицијата оди токму кон дестабилизацијата на безбедносниот систем.
– Таа агенда на Заев е да продуцира конфликт меѓу Македонците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите…, каде секој ќе се плаши од секого, а во таква состојба лесно е да се донесат нерационални одлуки. Но, народот е мудар. Тој го прави изборот врз база на сопственото искуство. Она што го цени народот, она со кое ни ја дава, но и ни ја одзема довербата и така се цени дали довербата е заслужена – рече Јанкулоска.
Според Јанкулоска, соочувајќи се со една ваква ситуација и со серизоните обвинувања за кривичните дела кои му се ставаат на товар на Заев, тој станува сѐ понервозен.
– На секој негов јавен настап, нападите се уште пожестоки, меѓутоа аргументите се уште послаби. Тој самиот знае дека направил сериозни пречекорувања во делот на непочитување на законите, затоа е паниката во секој негов настап, затоа е потребата после секое дадено интервју да се корегира, да се демантира – истакна министерката за внатрешни работи.
Таа додаде дека најважната порака на ваквите средби е секогаш да се биде со народот, да се слушнат неговите проблеми и да се најде одговор на нивните решенија.
– Силата на ВМРО-ДПМНЕ е народот, а Република Македонија е многу посилна од она што го проценил Зоран Заев и многу посилна од она што го процениле неговите наредбодатели. Се додека ја имаме вашата поддршка нема зошто да се плашите за иднината на Македонија. Судете по делата, по она што политичарите го направиле за вас како поединец и за доброто на вашето семејство, порача Јанкулоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



