Единицата за специјални задачи „Тигар“ денеска прославува 34 години од формирањето. Припадниците на единицата денеска пред челниците од Министерството за внатрешни работи покажаа дел од борбените вештини и техники и нивната подготвеност да се соочат со најголеми предизвици.
– „Тигрите“ секогаш мора да бидат на врвот. Во чекор со трендовите, со техничко–технолошките стандарди, со кадровска и образовна надградба – им порача министерката Гордана Јанкулоска на припадниците на единицата, на кои им вети натамошна модернизација и надградба во опрема и во вооружување.
Формирана на 13 март 1981 година, оваа елитна единица денес е модерна формација, со најдобро обучени припадници и специјализирани тимови.
– Припадниците на Единицата за специјални задачи се дел од оние кои беа на браникот на татковината во 2001 година кога нашата земја беше соочена со најголемата закана. Тогаш на крвавиот судир во кој беа изгубени бројни животи му претходеше обид за разорување на државните институции. Тогаш беше обелоденета аферата „Прислушување“. Петнаесет години подоцна, Република Македонија повторно е соочена со обид за напад врз институциите. Повторно се соочуваме со обид да биде заложена иднината на Република Македонија за нечиј политички интерес. Се обидуваат да нѐ убедат дека овој најсрамен криминален акт бил дело на „патриоти“ – порача Јанкулоска.
Најдобрите тигри во изминатата година добија плакети и благодарници, а потврда за успешната мисија му беше врачена и на тимот кој учествуваше во хуманитарно-спасувачката мисија во поплавите во Србија и во Босна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.














