Од денеска до 22 јули во Крушево ќе се одржи манифестацијата „Денови на театарот“. Настанот е дел од Крушево – град на културата за 2014 година. „Не се клади на Eнглези“ е насловот на претставата со која ќе започнат деновите на театарот во Крушево. Пиесата е работена по текст на српскиот автор Владимир Ѓурѓевиќ, и веќе 6-7 години е вистински хит во Белград и Загреб. Пријателството, обложувањето и нарушените цивилизациски односи со кои секојдневно сме опкружени, се главната тема на претставата чиј режисер е Синиша Ефтимов, а улогите ги толкуваат актерите: Оливер Митковски, Сашко Коцев и Александар Микиќ. „Не се клади на енглези“ е проект на продукцијата „Ауденција КМ“ во соработка со МНТ.
„Без паника“ е насловот на претставата зад која стои битолскиот театар, а ќе се игра во Крушево на 20 јули 2014 година. Режисерот Благој Мицевски, вели дека станува збор за трилогија пишувана во 2005 година од страна на Мика Мулуахо. „Паника“ е првиот дел кој е посветен на мажите во општеството, вториот дел се вика „Хаос“ и се однесува на жените во општеството, а третиот дел „Хармонија“ го сочинуваат неколку брачни двојки. Во претставата играат: Александар Копања, Никола Пројчевски и Марјан Ѓоргиевски.
Деновите на театарот завршуваат со единствениот женски стенд ап комичар во Македонија – Весна Петрушевска. Популарната Бејби ќе ги насмее до солзи сите оние кои ќе го гледаат нејзиното „Стенд ап кабаре, кое ќе се одржи на 22 јули 2014 година.
Влезот за сите претстави е бесплатен, а ќе се играат на сцената од „Театар Крушево“ со почеток во 21. 00 часот.
„Деновите на театарот“ се во рамките на манифестацијата „Крушево – град на културата за 2014 година “, во организација на Министерството за култура на Република Македонија и Општина Крушево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.