| четврток, 6 декември 2018 |

ИН МЕМОРИАМ – Даниел, човекот што исполни многу соништа, но не и својот сон

Мислам дека работава ја зезна ваерлесот. Додека одеше жичано, некако одеа работите. Имаше повеќе смисол… Сега целиот ден е работно време”. 

Даниел Милошески ( 1970 година – 2014 година)

Животот честопати не е фер. Не беше фер ни кон човекот кој насмеа многу лица, израдува многу срца носејќи ги нивните музички идоли во регионот. Го исполни сонот на многумина Македонци, Бугари, Срби, Хрвати… им овозможи да уживаат на концертите на музичките имиња кои им изгледале недостижни. Но дали го исполни својот сон во прекраткиот живот кој судбината му го даде?!  Веројатно и не беше далеку од исполнување на сонот наречен успешна кариера иако знаеше да каже дека неостварени желби и планови секогаш има. Велеше, пред десет години можев само да сонувам за ова што ни се случува во последниве две-три… Го изоде патот на кариерата онака како што е редот, од најдолното скалило, чекор по чекор. И веруваше дека има уште многу, дека е далеку  од некаков врв, дека има уште да се изоди… Но дали беше блиску до исполнување на сонот кој значи живот… Дали имаше доволно време да се израдува на двете мали бисерчиња што ги остави зад себе, да ужива во животот онака како што заслужуваше, без да размислува што треба да направи утре, без да се плаши дека нешто ќе тргне во погрешна насока и нема да биде како што треба. И самиот велеше – секој концерт, од најмалиот до најголемиот, ми е толку стресен, што немам време за уживање. Олеснување за мене доаѓа откако се ќе се заврши…

Замина на 44 години…Желбата да се има повеќе енергија, да се биде во топ-форма, подготвен за нови предизвици го чинеше скапо. Но секој збор е излишен. Остави многу работи за паметење. Многу спомени кај јавноста која ќе го спомнува уште долги години, Боб Дилан, Фери, Сантана, Ковердејл… тоа за него беше повеќе од задоволство, а за публиката нешто што не се заборава. Велат ќе тагува цела Македонија. Ќе тагува неговото семејство, ќе тагуваат неговите две ќерки, ќе жали неговата сопруга, ќе се лути на судбината неговиот брат Бобан со кого заедно работеа.  Публиката ќе жали по она што остана неисполнето, а Даниел можеше да го исполни.

Bob-Dylan-avalon

Даниел кариерата во шоу бизнисот ја започна во родниот Гостивар, кога со брат му, во средината на деведесетите години го водеа летниот клуб Авалон.  Приказната за успехот на „Авалон продукција“ на Даниел и Бобан  започна во 1993 година, кога браќата го организираа својот прв голем концерт, а до крајот на 2013-та, бројот на концерти во нивната режија ја надмина бројката од 250.   Од 1999-та година, кога на музичкиот пазар се појави деби-албумот на Тоше Проески – „Некаде во ноќта“, до денес „Авалон“ имаат објавено 40-ина албуми на најголемите македонски музички ѕвезди, како и неколку лиценцни изданија од пејачи од поранешна Југославија. Дел од албумите кои ги објави „Авалон“ всушност се македонската музичка антологија.

Daniel-i-Billy-Idol

Меѓу другото, во својата долга и плодна работа, „Авалон продукција“ едно време беше вткаена и во кариерите на Тоше Проески, Каролина Гочева, Ареа, Влатко Стефановски, „Нокаут“, Владо Јаневски, „Мизар“, Врчак, Ерзана, „Кисмет“, Златко Ориѓански… Исто така „Авалон продукција“ беше заслужна и за славеничката турнеја на „Леб и сол“, во чест на јубилејот – 30 години постоење. Под закрилата на „Авалон“ и понатаму успешно траат кариерите на Каролина и „Ареа“. Исто така, секое значајно име од регионалната музичка сцена, „Авалон“ го има донесено на концерт во Македонија. Последниве десетина години основна ориентација на „Авалон“ беше букирање и организирање на концерти на светски музички артисти на целиот Балкан: Green Day, Faithless, The Prodigy, Pet Shop Boys, Simple Minds, Deep Purple, Whitesnake, Apocalyptica, Tiesto, Paul Oakenfold, Roger Sanchez, Bryan Ferry & Roxy Music, Pink, Placebo, Paul Van Dyk, Lenny Kravitz, James Blunt, Simply Red, David Byrne, Santana, George Benson, Bob Sinclar, Underworld, 50 Cent, Bob Dylan, Billy Idol, Vanesa Mae, Guano Apes, Hurts, Joe Cocker, Amy Winehouse, Moby, Judas Priest, Whitesnake, Jamiroquai, Ozzy Osbourne, Duran Duran, The Darkness…

Сите тие концерт ќе живеат за да го споменуваат, сите тие спомени на публиката ќе сведочат за неговото постоење!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top