Шефот на мисијата на ОДИХР пројави интерес околу издавањето на биометриските документи како и состојбата со Ромите, односно дали тие се соочуваат со посебни проблеми при вадењето на документите, информираат од МВР.
-Од страна на министерката Јанкулоска беше посочено дека најголем дел од населението веќе има нови лични документи со кои може да го оствари правото на глас и дека Управните служби на МВР работат со полн капацитет и зголемена динамика за да им излезат во пресрет на сите заинтересирани граѓани. Аренс покажа посебна грижа околу најавите за “активен бојкот“ и неговото значење. Ставот на министерството, кој му беше пренесен во овој контекст, гласи дека секој има право да ги бојкотира изборите, но нема никакво право да го узурпира правото на глас кое што го имаат останатите граѓани на Р. Македонија- соопштуваат од МВР.
Во таа насока, од МВР потенцирале дека ќе ги ангажираат сите капацитети да спречи какви било закани или инциденти, овозможувајќи им на граѓаните да го остварат своето демократско право и да ги изберат своите локални власти. Заради настанатата ситуација не е исклучено да има одредени изолирани инциденти или провокации во обид да се наруши легитимитетот на изборниот процес.
Од МВР информираат дека, како пример му било посочено и пишувањето на неколку медиуми блиски до опозицијата кои инцидентот на партиската конвенција се обидоа да го стават на товар на МВР.
-На шефот на мисијата на ОДИХР му беше посочено дека двете лица кои присуствувале на конвенцијата во неделата и учествувале во нападот на член на СДСМ во моментов се наоѓаат на боледување, кое што веројатно го злоупотребуваат. Истите биле приватно, односно по сопствена желба на партиската конвенција, а не на задача. Без разлика дали станува збор за внатрепартиски недоразбирања или други мотиви, по нив се трага и против нив ќе бидат процесуирани соодветни пријави- соопштуваат од МВР.
На Аренс му било предочено дека министерството веќе го формирало Оперативениот штаб задолжен за подготовките и ативностите кои ќе следат во предизборниот период и на денот на изборите и беше понудена отворена соработка во секој момент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.