Вицепремиерот Фатмир Бесими при претставувањето на Националната програма за усогласување на македонското со европското законодавство во Директоратот за проширување на Европската унија во Брисел, побара влез на Македонија во втората фаза, односно почеток на преговорите за членство, за земјата да напредува во европските интеграции.
– Денешните состаноци во Директоратот за проширување на Унијата, генерално беа насочени на прогресот во реформите што ги прави Република Македонија во однос на евроинтеграциите во сите области. Главна тема беше презентацијата на националната програма за исполнувањето на европското законодавство (АКИ) и затоа на денешниот состанок беа присутни претставници на сите Директорати при Европската комисија, истакна Бесими во изјава за МИА дадена по состанокот.
Според Бесими, ова било извонредна можност во Директоратот за проширување да го презентира напредокот на Република Македонија зошто земјата не прави прогрес-извештај само еднаш годишно, туку тоа го прави во континуитет преку целата година.
– Информиравме дека во овој процес се инволвирани околу 13.600 државни службеници низ целата администрација и над 100 институции во Република Македонија, што е важен индикатор за тоа колку сме ги развиле институциите во овие десет години во однос на нашата европската интеграција, додаде Бесими.
Првиот човек за македонските евроинтеграции, денеска се сретна и со директорката во Директоратот за проширување на ЕУ, Алексадра Кас Грање, каде исто така тема била Националната програма и пристапувањето на Македонија кон Унијата. Според Бесими, можноста е искористена за да се слушнат забелешките на претставниците на ЕУ во однос на тоа кој е нивниот фокус во одредени области и каде сметаат дека можеме да се подобриме.
Бесими посочи дека тој ги презентирал приоритетите што се селектирани во Националната програма и заклучоците во прогрес-извештајот на Еврокомисијата како што се фундаменталните права, човековите права во однос на правосудството, слободата на изразување, меѓуетничките односи, економските аспекти и добрососедските односи.
– Во сите овие области, како и во останатите од 33-те поглавја што се отвораат и затвораат при официјални преговори за членство, ние имавме можност да презентираме каде се во однос на нашата анализа имаме направено прогрес и каде има потреба за поголема инвестиција, односно поголем ангажман. Информирав и во однос на човечките капацитети и ресурси што ги имаме ангажирано, како и буџетот што го планираме во наредниот период во однос на Националната програма, а пред се за поголема искористеност на фондовите од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Унијата, констатира Бесими.
После она што го презентирале од страна на Европската комисија, македонскиот заклучок бил дека за подобрување на овој процес во однос на квалитетот и динамиката, „важно е Македонија да премине во наредна фаза, а тоа е да ги започне пристапните преговори за да може подиректно да го воспостави контактот со сите служби во Генералните директорати на Европската комисија“. Тоа, според заменик-претседателот на македонската Влада, е квалитативна промена која се очекува да се случи со самиот факт кога ќе започнат преговорите со Европската унија.
Македонската делегација, денеска ја изразила и подготвеноста и отвореноста да се разговара за отворените теми со соседите и се дојде до прифатливо решение, а со цел да може земјата да премине во наредната фаза од процесот на евроинтеграции.
– Статус-кво ситуацијата на овој процес си има своја цена, како во однос на политичката стабилност, така и во однос на економскиот просперитет. Во тој дел, ние покажавме сериозност во однос на менаџирање на процесот на реформите за зајакнување на довербата во институциите, подобрување и унапредување на добрите меѓуетнички односи во земјата, како и нашата активна улога во однос на решение за отворените прашања со соседите, заклучи вицепремиерот Бесими.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ВМРО-ДПМНЕ: Евроатлански интеграции веднаш, но без да се отстапи од државните и националните интереси
-
Прво името па НАТО: И Коѕиас по Ципрас му разјаснува на Заев
-
Иванов: Заморот од проширувањето на ЕУ доведе до ретроградни процеси во ЈИЕ
-
Курц: Да се обноват гаранциите за македонските евро-интеграции


