Нерешениот проблем со името и идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за нас, истакна германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Дубровник пред учесниците на состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот“.
Додаде дека мора на некој начин да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на Европската унија.
Таа, јави известувачот на МИА, е оптимист дека може да се најде решение за тоа прашање.
– Мислам дека може и мора некако да го решиме тоа. Јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли – рече Меркел.
Германија, како што подвлече, е подготвена на конструктивна соработка за решавање на ова прашање, но додаде дека без компромис не се може.
– Во Германија велиме „компромис е кога сите вклучени се еднакво незадоволни“. Кај компромис не може да очекувате дека се ќе заврши со среќен крај за сите. Но, кога сите се еднакво незадоволни, тоа е фер компромис.
Мора на некој начин да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на Европската унија, истакна германската канцеларка пред осумте лидери од Југоисточна Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.