| четврток, 6 декември 2018 |

Почина нобеловката Надин Гордимер

надин

Славната писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература, Јужноафриканката Надин Гордимер, почина во 90. година од својот живот, соопшти нејзиното семејство.

Како што пренесува „Ројтерс“, славната писателка, која долго време беше активна во движењето за укинување на расистичката сегрегација и апархејдот во Јужна Африка, починала во саботата во својот дом во Јоханесбург.

Гордимер е родена во 1923 година во семејство на еврејски имигранти од Литванија. Уште како тинејџерка развила склоност кон пишувањето, а на 15 години ја објавила првата приказна во еден локален весник.

За време на студиите, но и подоцна, објавила кратки приказни, а од 1951 година е редовен соработник на угледниот американски весник „Њујоркер“. Од 1960 година почнала да се интересира за политика, а набрзо станала и жесток критичар на апархејдот. Била блиска со адвокатскиот тим на Нелсон Мандела. Нејзините книги често биле предмет на цензура. Во своите дела се занимавала со прашањата за моралот и расизмот, посебно во контекст на апархејдот во Јужна Африка. Нобеловата награда за литература ја доби во 1991 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top