
Викендов во Охрид отпочнаа заедничките полициски патроли меѓу полициските службеници од македонското и српското Министерство за внатрешни работи.
Заедничките активности, соопшти денеска МВР, ќе се одвиваат со цел зголемување на степенот на безбедноста во Охрид, размена на информации и продлабочување на меѓусебната полициска соработка.
При спроведување на полициските мерки на терен, српските полициски службеници ќе даваат поддршка на полициските службеници од СВР Охрид во активностите насочени кон обезбедување на јавниот ред и мир, контрола на угостителските објекти и ќе бидат поддршка на македонските и на државјаните на Република Србија кои за време на туристичката сезона престојуваат во Охрид.
Српските полициски службеници при заедничките патроли со припадниците на Секторот за внатрешни работи Охрид, нема да имаат полициски овластувања и при реализација на полициската работа на терен ќе бидат обврзани да постапуваат во согласност со националното законодавство на Република Македонија. Тие, се подвлекува во соопштението од МВР, нема да имаат полициски или други извршни овластувања и нема да го носат службеното оружје и другата службена опрема.
Заедничките полициски патроли меѓу полициските службеници од македонското и српското Министерство за внатрешни работи ќе се реализираат до крајот на август кога во Охрид во две смени ќе патролираат еден униформиран полициски службеник и еден полициски инспектор на криминалистичката полиција на Министерството за внатрешни работи на Република Србија.
Заедничките полициски патроли се резултат на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Србија за полициска соработка потпишан на 30 ноември 2011 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МВР потврди: Лице од битолско виновен за оштетените камења на македонско-грчката граница
-
МВР: Добивме потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Унгарија и дека побарал азил
-
Охрид e најзадолжена општина
-
Кривична пријава за загрозување на сигурноста и ширење ксенофобичен материјал на социјални мрежи


