
Славниот диригент Американецот Лорин Мазел почина вчера на 84-годишна возраст како последица на компликации предизвикани од воспаление на белите дробови.
Мазел, кој е роден во Франција во семејство на американски музичари со еврејско потекло, се прослави како диригент на Њујоршката филхармонија и на Виенската државна опера.
– Како диригент со меѓународно реноме, маестро Мазел на музиката ѝ посвети повеќе од 75 години од својот живот – се наведува во соопштенеито на фестивалот „Кастлетон“, чиј основоположник беше токму Мазел.
Славниот диригент починал во неговата куќа во Кастлетон Фармс, каде што се подготвувал за следниот фестивал.
Мазел диригираше со повеќе од 150 оркестри и има повеќе од 300 снимени записи. Тој беше и композитор, а неговата прва опера „1984“, пишувана според истоимената книга на Џорџ Орвел, ја имаше праизведбата во Лондонската кралска опера на Ковент Гарден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


