| четврток, 6 декември 2018 |

Елизабета Канческа-Милевска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Полска, Јацек Мултановски

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Полска во Република Македонија, Јацек Мултановски.

На средбата беа потенцирани традиционално добрите културни врски меѓу двете земји кои се одвиваат во рамките на Програмата за соработка во областа на културата меѓу македонското Министерство за култура и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска, како и за интензивирање на соработката меѓу институциите од областа на културата. Ова ќе биде потврдено и со потпишувањето на новата програма за соработка меѓу двете земји за време на посетата на министерката за култура од Полска во септември годинава. Програмата ќе овозможи интензивирање на размената на конкретни проекти и уметници меѓу двете земји, како и поголема комуникација меѓу институциите.

Министерката Канческа-Милевска, меѓу другото, подвлече дека досега се реализирани  повеќе  квалитетни културни содржини преку реципрочни настапи на македонски и на полски уметници. Исто така, беше истакната и традиционалната  соработка во сферата на заштитата и конзервацијата на културното наследство, како и учеството на македонските филмски остварувања на филмските фестивали во Полска.

Полскиот амбасадор Мултановски, пак, информираше за поважните активности на Амбасадата во насока на интензивирање на соработката во областа на културата меѓу двете држави. Тој истакна дека е во тек реализацијата на проектот за дигитализација и реставрација на уметнички дела  од познати полски автори, подарени на Македонија по земјотресот во Скопје, кои се наоѓаат во Музејот на современа уметност, а стана збор и за интензивирање на меѓууниверзитетската соработка преку доделување стипендии за студентите кои го изучуваат полскиот јазик

На крајот, министерката Канческа-Милевска му посака успешна дипломатска мисија на новиот амбасадор Мултановски и изрази очекување дека за време на неговиот мандат, пријателските односи и соработката во областа на културата меѓу двете земји ќе продолжат да се засилуваат и да се  продлабочуваат со уште понагласена динамика.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top