Претседателот на МАНУ, академикот Владо Камбовски, денеска предупреди дека политичката криза од почетокот на годинава се заканува да предизвика и пошироки негативни општествени импликации, особено од аспект на евроатлантските интеграции.
Зборувајќи на темата „МАНУ во 2012 и 2013″ во рамките на 46-то годишно собрание, Камбовски рече дека претседателството на МАНУ на седница од 8 февруари апелираше за побрзо надминување на политичката криза со итно почнување дијалог меѓу одговорните политички субјекти, заснован врз уважување на интересите на државата и начелата на владеење на правото.
Во врска со програма за работа на МАНУ во 2013 година, рече дека новата едногодишна активност ја програмираат во услови на постоење на минимални, но сепак охрабрувачки знаци за подобрување на положбата на науката и културата и, во тие рамки, на претпоставките за остварување на основните дејности на Академијата.
„Таква перспектива отвораат: Националната стратегија за развој на културата за периодот 2012-2017 година, усвоена во Собранието и Националната програма за развој на научноистражувачката дејност 2013-2017 година, која се наоѓа во владина процедура. Усвојувањето на овие документи, кореспондира со барањето на Европската комисија, содржано во извештајот за напредокот на Македонија. Меѓу приоритетите годинава влегува и меѓународната научна и културна соработка”, истакна Камбовски.
Тој потенцира дека по воспоставувањето интензивна соработка со научни институции од Турција и со Албанската академија на науките, посебно внимание ќе биде посветено на подигање на повисоко рамниште на соработката со БАН, како и со Српската и Косовската академија на науките и уметностите, а и со Атинската академија на науките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.