Новото лице на словенечката политичка сцена, професорот по право Миро Церар на вчерашните вонредни парламентарни избори во Словенија си го трасираше патот кон премиерската функција, јави ДПА.
Според сѐ уште нецелосните изборни резултати од изборите што ги соопшти словенечката Централна изборна комисија, левоцентристичкиот политички субјект на Церар, кој се нарекува Партија на Миро Церар (СМЦ), освоил околу 35 проценти од гласовите.
Ова е првпат по 15 години една партија во Словенија да освои толкав голем процент на гласови.
Победата на СМЦ би можела да доведе до формирање коалиција на партиите на левиот центар, имајќи предвид дека, покрај оваа, уште две нови партии го минаа изборниот праг и обезбедија мандати во словенечкиот Парламент.
Предвремените парламентарни избори во Словенија беа организирани 30 месеци по последното изјаснување на граѓаните, откако премиерката Алинка Братушек поднесе оставка откако ја загуби битката за лидерското место во партијата Позитивна Словенија (ПС). По ова таа ја напушти ПС и ја формираше партијата Алијанса на Аленка Братушек (ЗаАБ), која успеа да освои 4,5 проценти од гласовите.
СМЦ и ЗаАБ се очекува да ја формираат идната владина коалиција заедно со партијата Обединета левица (ЗЛ), која освои шест отсто од гласовите. Трите партии заедно ќе имаат 46 места во 90-члениот словенечки Парламент.
Зад СМЦ се пласира конзервативната Словенечка демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша која освои 20 проценти од гласовите.
Церар и Јанша, кој од 20 јуни се наоѓа на издржување на двегодишната затворска казна под обвинение за корупција, уште пред изборите ја исклучија можноста за коалицирање меѓу нивните две партии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.