Во СДСМ најавените редефинирања и промени во Уставот воопшто не се ни разгледувале. За секоја партија што претендира да биде сериозна, па и која својата таканаречена програма ја темели на економски зафати, предложените измени за ограничување на нивото на јавниот долг и на буџетскиот дефицит, секако, би требало да бидат во фокусот на вниманието. Но, во СДСМ имаат друг приоритет. Техничка влада. Сè друго „не е дојдено на дневен ред и не ни е предмет на интерес“.
Ваквиот став искажан од партискиот гласноговорник ја отсликува состојбата на бессознание во која се наоѓа опозицијата. Во отсуство и затапеност на чувствата за реалност, мантрата „техничка влада“ се очекува какао вистински спас. Секако, како спас на сопствената улога пред членството. И оправдание пред гласачите и изневерените дека сите укажувања и од дома и од надвор биле погрешни.
Зоран Заев се обиде да изнуди изустување „техничка влада“ од премиерот Никола Груевски, при последната партија политички шах. Свесен за најавите дека за власта не е прифатливо, сепак Заев го поттура како прво и, според тоа како се однесува кон него, изгледа единствено барање до власта.
Знаејќи однапред дека „нема да помине“, Заев се појави на средба за да биде одбиен, во улога на „добро момче“, конструктивно. Одејќи во однапред загубена битка, во партијата ова прашање не барало ниту време за да се застане сериозно зад него. Техничка за што? Во кој формат? Од кога? До кога? Зошто? Секако, нема потреба за овие одговори, и така темата е за губење, пардон, купување време.
Всушност, темпо со кое работи власта не би можела да го постигне ниту сериозна партија поставена на здрави основи и на здрави нозе. Во состојба во која се наоѓа СДСМ, тоа, секако, нема никаква шанса да се случи. Можеби и затоа и не ни им паѓа на ум да ги толкуваат или разгледуваат овие измени на Уставот. По убедување ќе бидат против. Ако седнат во парламентот навреме, кога би се гласало за нив.
А токму тоа и се чека. Дел од аналитичарите со кои разговараше „Република“, велат дека дезориентираноста ќе трае до некој следен меѓународен чекор. На пример, најава за позитивен извештај од Европската комисија. Па, и без техничка влада да седнат во пратеничките клупи, онака, „за спас на иднината на државата“. До Солза Грчева и до Љубица Буралиева.
Кој свири „техничка“?
Груевски не сакаше да каже кој го советувал Заев на крај од преговорите да бара да се најави прифаќање техничка влада. За присутната јавност во салата и немаше потреба да се спомене името. Историјата на барањата техничка влада од СДСМ само го подгрева „ликот и делото“.
И почесниот претседател на СДСМ бараше техничка влада што ќе организира избори. Повторувајќи ги со години истите барања, и сега може да се претпостави дека СДСМ смета на техничка влада во која полицијата, правдата и финансиите би биле под нивно раководство. Другите прашања, по правило, се во насока на изборниот процес, било тоа да се медиумите или избирачкиот список.
Ако и има потреба од потсетник, не треба да се оди подлабоко во архивите од една година. Лани во јануари аналитичарите за дневниот печат во Македонија ги анализираа истите овие денешни состојби на опозицијата.
– Меѓуетнички или социјални немири, зовривање и блокада во Собранието од пратениците на СДСМ, излегување од парламентот, закани за улична демократија, барање предвремени избори, е истата шема што опозицијата ја примени и на претходните избори пред две години, а што сценариото на социјалдемократите го прави неинвентивно и прочитано – коментираат аналитичарите.
И тогаш се коментирало „Барањата се почудни од година во година, а и самиот (лидер) е свесен дека дел од неговите услови се неостварливи и дека со нив нема да се согласи владејачката партија“. Со создавање вештачка криза СДСМ почна во 2007 година, а напуштањата на парламентот почнаа во 2008 година. Кон крајот на годината партијата повторно ја напушти собраниската седница за пратенички прашања. И 2010 година е регистрирана како година за напуштање во Собранието. Во јануари ја напуштија собраниска седница, во април координациите, во јули – собраниска седница, а неколку дена подоцна цела опозиција повторно ја напушти координацијата. Темпото продолжи и во 2011 година и кон крајот на 2012 година.
„СДСМ тера иста шема со години. Иста слика, исти реализатори, само во различни години“- коментираат аналитичарите.
И повторно, изборните правила не им се по ќеф
Ако досега се бараше техничка влада за да се спроведат избори по мера на СДСМ, тоа што е поинаку во реалноста е дека последниот изборен процес комплетно беше спроведен по правилата, кои до последна буква ги побара СДСМ. Пред изборите. Така, дел од аналитичарите сега сметаат дека барањата за техничка влада се исцрпуваат со опсегот на работата на Државната изборна комисија.
– Тоа се прашања во надлежност на ДИК, но и прашања за кои веќе се разговараше, се прифатија сите барања, се измени Изборниот законик. Со сите небулозни решенија во него. Сега се бара алиби за својата безидејност и непродуктивна политика – коментира за „Република“ професорката Тања Каракамишева – Јовановска.
Техничка влада се формира во услови на вонредни околности, природни несреќи, воени состојби или, како што покажуваат неколкуте светски примери во последно време, состојби во кои ниту една партија не би сакала сама да го понесе товарот од потребни реформи.
– Во Македонија, каде што преку легитимни избори се избрани легални и легитимни институции, апсурд е да се бара техничка влада. Надвор од секоја логика, теоретски и правни можности. Нема ниту еден предуслов за да се бара формирање техничка влада. Македонија се наоѓа во вештачки монтирана политичка криза. СДСМ функционира во сите други институции, освен во парламентот – анализира Каракамишева- Јовановска.
– Фактот дека сега ретерираат од првичната идеја за таа техничката влада, со изговор дека тие само мислеле на техничка влада што би го организирала само изборниот процес, притоа без разлика кога би се случил, дали веднаш или по четири години, редовни или вонредни, покажува дека СДСМ покажува дека самиот нема јасна претстава за тоа свое барање – додава Каракамишева – Јовановска.
Барањето за техничка влада значи и СДСМ да ја управува политиката на определени министерства без мандат доделен од гласачите, од граѓаните. И повторно продолжува истата политика – да се биде на власт без добиени избори и без поддршка, барање што е нерационално и неприфатливо насекаде во светот. И покрај тоа се инсистира на што подолг период надвор од парламентот.
– Има многу опции до кога би траела оваа фаза, во која СДСМ го користи своето отсуство од, нагласувам, непречената работа на парламентот. Затоа сметам дека треба да се маргинализира и намали на минимум таа нивна политика на бојкот и на сензационализам. И доколку до крајот на летото не се вратат во парламентот, треба да се распишат дополнителни избори, да се комплетира составот на Собранието и да се затвори таа приказна. Македонија не смее да биде заложник и колатерална штета на политиката што ја води СДСМ – вели Каракамишева – Јовановска.
Дали Уставот и неговите измени во меѓувреме ќе го добијат заслуженото внимание во СДСМ, останува времето да покаже. И дали СДСМ ќе учествува во тие измени во парламентот. Заедно со Солза Грчева и со Љубица Буралиева. Тоа зависи само од нив, вели Каракамишева – Јовановска.
– Јасно е како се донесуваат уставните измени, потребно е 82 пратеника да се во парламентот. Ако владејачкото мнозинство ги обезбеди тие 82 пратеника, неспорна е легитимноста на тие уставни измени – додава таа.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


