| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Ризик е заборавањето на принципите на европскиот проект

Пораките дека следниот бран на проширување нема да се случи во наредните 5 години не треба да ги примаме драматично, но заборавањето на принципите од пред 60 години, врз  кои почива европскиот проект, е вистинскиот ризик.

_Upload_Vesti_Nikola_poposki_201412215252

Тоа го истакна македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на  Кроатиа Форум „Интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија“, што се одржа денеска во Дубровник.

Шефот на македонската дипломатија на форумот имаше излагање на сесијата посветена на иднината на проширувањето на Европската Унија.

Форумот понуди видувања од земји-членки и кандидати за членство во Европската Унија за предизвиците и перспективите за интеграција на земјите од Регионот во Европската Унија. Истовремено беа споделени ризиците и можностите за процесот на проширување.

На маргините на форумот во Дубровник, Попоски оствари повеќе средби како и неформални разговори  со хомолози од Унгарија, Канада, Бугарија, Луксембург, со Комесарот за проширување на Европската комисија, Парламентарниот заменик министер за надворешни работи за Јапонија, како и со други високи политички претставници- учесници на форумот, соопшти Министерството за надворешни работи.

На средбите е  реафирмирана  поддршката од Унгарија за интеграцијата на Република Македонија и земјите од регионот во Европската Унија. Истакната е взаемна заложба на Македонија и Бугарија за натамошни чекори кон градење меѓусебна доверба и надминување на отворените прашања. Искажан е обостран интерес за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог, како и за натамошно унапредување на билатералната соработка со фокус на економијата, како и поддршка од Канада за членство на РМ во НАТО и признание за постигнатите реформи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top