Велес не познат само како градот на Рацин и на гемиџиите, тој е познат и по театарската дејност. Од Велес потекнуваат актерите Петре Прличко, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Зоран Љутков, Игор Крајчев, но и Кочо Рацин,Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, како и ракометарите Пепи Манасков и Дејан Манасков и уште многу други видни македонски дејци.

Велес, како урбана населба постои од 168 год. пр.н.е. Во текот на историјата градот често го менувал името од Вила Зора, преку Ќупурли, извесно време беше Титов Велес, па сѐ до денешниот назив – Велес. Денешното име го добил во 7 век, со доаѓањето на Словените на Балканот, од словенскиот збор „велес“, што значи в шума, поради густите шуми што го опкружувале. За настанокот на неговото име има две легенди. Едната вели дека името го добил од словенскиот термин „в лес“, кој означува „во шума“, со што се означувал пределот со густи шуми во близината на ова населено место, а втората легенда вели дека пределот околу Велес, кој бил погоден за пасење на добитокот, го населувале сточарски словенски племиња, чијшто бог на добитокот бил богот Велес.

Велес и велешани секогаш имале напредна мисла и дух. Овде биле отворени првото училиште на македонски јазик, првата гимназија, првиот театар, првата библиотека, првиот музеј и првото музичко училиште на територијата на Македонија.

Некои историски индиции сугерираат дека почетоците на театарската дејност во Велес, најверојатно, треба да се врзуваат со името на учителот Јордан Хаџи Константинов – Џинот и дека треба да бидат датирани меѓу 1864 и 1866 година. Според запишаните сведоштва на неговите тогашни ученици, во училиштето во Прцорек тие ја одиграле неговата драматизација на народната приказна „Мечката и селаните“.

Во текот на следната деценија, како дел од активноста на Друштво за народна просвета „Искра“, театарската дружина, составена претежно од локални учители, ја изведува првата јавна претстава во Велес, „Пропаднат трговец или смртна жртва“. Театарската историја го евидентира и датумот на оваа премиера: 24 декември 1874 година, како и имињата на нејзините иницијатори: Никола Живков и Филип Симидов.
Една година подоцна, 1875, на велешката театарска сцена ќе излезе и првата актерка, учителката Тенка А. Коларова, протагонистка во популарната мелодрама „Многустрадалната Геновева“. Велешани се сеќаваат дека таа била многу критикувана поради тоа. Иако локалниот весник остро ја критикувал нејзината смелост „јавно да се покажува“, бидејќи дотогаш женските улоги ги толкувале исклучително мажи , првата македонска актерка ќе продолжи со голем успех да го толкува ликот на Геновева.
Најверојатно, од сите македонски градови, токму Велес има најорганизиран и најконтинуиран театарски живот, и тоа во период од преку шеесет години (1875-1940). Освен претставите што ги подготвуваат локалните театарски групи, не само учителски, градот го посетуваат и професионални трупи од Бугарија и од Србија. Скопското Народно позориште „Краљ Александар Први“, почнувајќи од средината на дваесеттите години од 20 век, во Велес редовно ги прикажува претставите од секоја годишна продукција.

Континуитетот на театарскиот аматеризам продолжува веднаш по ослободувањето. Како дел од Културно-уметничко друштво „Кочо Рацин“, од декември 1944 година во Велес работи Градска театрална група „Коле Неделковски“, чијашто прва премиера е изведбата на драмата „Платон Кречет“ од А. Корнејчук. Токму од ова јадро, во јуни 1948 година, формиран е Градски (околиски) народен театар, чијшто прв директор е Борис Бегинов. Прва премиера на овој театар е комедијата „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски, одиграна на 19 февруари 1950 година.
Во 1966 година театарот е затворен. Сепак, театарската дејност ќе продолжи, повторно на аматерска основа, што во 1968 година ќе резултира со формирање Младинско драмско студио, раководено од Боре Ангеловски. По шестгодишна дејност, која еднакво ја карактеризираа и агилноста на членовите и актуелноста/интригантноста на репертоарот, во 1974 година студиото се институционализира како Аматерски драмски театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“. По дванаесет години, во 1986 година, театарот повторно се здобива со професионален статус, задржувајќи го името на својот патрон. Од основањето до денес, театарот има одиграно околу 250 премиери.

Почнувајќи од летото 1992 година, велешкиот театар ги организира летните театарски претстави во археолошкиот локалитет Стоби, како дел од својата редовна дејност. Прва претстава одиграна во Стоби е „Електра“ на Еврипид, во режија на Стојан Стојановски.
Првиот професионален состав на Народниот театар Велес го сочинувале: Борис Бегинов – директор (режисер и актер); Благој Анчевски-Руска – актер, режисер, сценограф; Стојна Апцева (Дробњак), Љубица Вишинова (Ефремова); Тодор Гравчев, Ратка Зарзева, Рајна Јорданова (Савова), Јосиф Јосифовски (режисер, сценограф); Димче Петров-Гале, Стојан Сердарски, Стојче Филипов (Камчев); Екрем Џаферов и Епса Џипунова – актери.
Неодамна во Велес беше отворена новата зграда на театарот – Национална установа „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“. Објектот е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и со мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители. Основниот сценски простор од големата сцена е од модуларен тип со три оркестарски и осум сценски платформи, кои овозможуваат лесна, брза, безбедна трансформација и конфигурација на основниот сценски простор.
– Објектот располага со опрема и уреди, аудио и видеосистеми од врвни светски производители, со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и во светот, со што ќе биде овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од која било светска продукција – вели директорот Јордан Витанов.
Познатиот антички – римски театар, кој функционирал во древниот град Стоби пред две илјади години е дел од театарската традиција на овие простори. Традицијата ја продолжува просветителот и преродбеник Јордан Хаџи Константинов – Џинот, а денеска во познатиот центар на вековната театарска традиција работи професионален театар, кој е стожер на културниот живот во Велес.
– Новиот театар во Велес значи продолжување на успешната театарска традиција на овој град и подигнување на стандардите на театарската дејност, но овој пат во еден претставителен театарски објект со простор што ги задоволува светските стандарди, но и сценски простори со современи технолошки системи во кои ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметнички дејности со високи технички карактеристики – велат театарџиите.
Во тек е и конкурс за избор на драмски текст што до крајот на годината премиерно ќе биде изведен на сцената на новиот велешки театар.
Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ заокружува период од 66 години театарска дејност во Велес, чиишто први нишки беа повлечени уште во 1874 година, кога била одиграна првата театарска претстава со која актерите, локалните учители и ентузијасти, го промовирале Велес како културен центар.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2019“, Русија
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура
-
Гостивар ќе добие театар: Владата донесе одлука за основање НУ „Гостиварски театар“
-
Лидер: И градоначалникот на Велес дел од аферата „Фонд за иновации“


