| четврток, 6 декември 2018 |

Две комедии и трилер од денеска во „Синеплекс“

Неверојатната актерска тројка – Мајкл Си Хол, Сем Шепард и Дон Џонсон ги толкуваат главните улоги во филмот „Студениот јули“.
Мајкл Си Хол се здоби со светска слава преку ТВ серијата „Два метра под земја” (Six Feet Under), каде што го играше хомосексуалецот Дејвид Фишер. Без оглед на контроверзноста што ја следеше оваа серија, Мајкл го покажа својот талент, и по завршувањето на оваа серија стана дел од ТВ серијата „Декстер“ (Dexter), што се прикажуваше во периодот од 2008 до 2013 година и ги урна сите рекорди во гледаност.
Мајкл Си Хал вака го опишува ликот на Лук Ричард Дејна, кого го игра во напнатиот трилер „Студениот јули“: „Се чувствував ужасно кога заврши серијата „Декстер“. Сфатив дека дел од мене ’прегоре’ по повеќегодишното толкување на ликот како Декстер – сериски убиец кој убива некого и потоа заминува да јаде сендвич. Додека го читав сценариото за филмот „Студениот јули“ уште на првите страници видов дека мојот лик веќе убил некој, но во основа се разликува од сите ликови што досега сум ги глумел. Во однос на ликот и светот околу него… Искрено, јас уживав глумејќи некој кој знае како да се покае. Филмот беше еден вид на терапија за мене.“
Во фокусот на филмот „Студениот јули” е семејниот човек Ричард Дејна (Мајкл Си Хол), кој додека ги проверува чудните звуци во неговата куќа, една свежа јулска ноќ во 1989 година во Тексас, го застрелува натрапникот Фреди Расел. Иако во градот го сметаат за херој, Дејна се плаши за безбедноста на неговото семејство, кога таткото на Фреди, Бен (Сем Шепард), пристигнува во градот. Татко му на застреланиот младич е поранешен осуденик, заслепен од желбата за одмазда. Локалната полиција е рамнодушна по инцидентот и е благодарна што сега има еден престапник помалку. Ричард наскоро сфаќа дека е само обична фигура во една многу поголема и страшна игра.
Оваа кино недела на репертоарот ни пристигаат уште два филма, наменети за оние кои уживаат во комедиите.
Во фимот „Неговиот палав стојко“ Рич Џонсон, жиголо полн со ентузијазам, едно утро добива огромно изненадување кога неговата бурна машкост и гордост добива човечки облик и почнува да води свој сопствен живот. Целиот настан е резултат на неговиот ергенски начин на живот што вклучува забавување и носење во кревет различна девојка, секоја вечер. За да успее да го разбере вистинското значење на животот и подлабоките нивоа на љубовни односи, животот забавно си подигрува со него и неговиот „палавко“ го претвора во жив човек – и тоа човек кој се однесува дури и дупло полошо од Џонсон.
„Девет месеци казна“ ја раскажува приказната за 40 годишната судијка, опседната со работата, која нема време за приватен живот, се додека по една луда новогодишна забава, случајно, забременува. Се разбира, нема никаква идеја за тоа кој би можел да биде татко. По разгледување на снимките од камерите за видеонадзор сфаќа дека таткото на нејзиното дете е никој друг, туку Боб, познат криминалец. Нејзиниот живот се врти наопаку. Замислете ја иронијата кога судијка позната по својот морал забременува од криминалец кој што на крај се појавува во нејзината судница. Ако ви кажеме дека Алберт Дупонтел, кој што е поранешен стенд-ап комичар, освен како режисер се појавува и во улога на Боб, тогаш разбирате дека се работи за филм кој ќе ги насмее и вечно незадоволните луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top